Забележан нов црн ковид рекорд во земјава, рестриктивните мерки на стенд- бај

од Берта Китинска

Откако започна епидемијата во земјава, вчера беше регистриран нов црн рекорд на починати лица од Ковид 19.

Министерството за здравство информираше дека за 24 часа починаа  40 лица, а беа регистрирани нови 591 позитивни лица на коронавирусот.

Нема потреба од нови мерки

Комисијата за заразни болести одлучи дека засега нема потреба од нови мерки и забрани. Тие апелираат граѓаните да се придржуваат до препораките – да не се групираат по домовите, да носат маски, и да нема собири на отворено повеќе од четворица. Тие сметаат дека движењето по 21 часот е намалено, а болниците се уште имаат празни кревети за најтешките пациенти.

Здравствените власти веруваат дека мерките кои се на сила, воведени пред извесно време ќе почнат да даваат резултати.

Од Комисијата за заразни болести сметаат дека епидемиолошката слика во земјава не е најдобра, но ситуацијата ја следат од ден во ден.

Повеќето земји од регионот веќе воведоа полициски час. Ваква ригорозна мерка со која се забранува движење во вечерните часови, се до 5 часот изутрина воведоа Грција, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина…

Болниците се полната
Министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување на телевизија Сител рече дека доколку продолжи оваа динамика на ширење на корона вирусот, може да дојде до ситуација да нема доволно кревети.

-Сметаме дека не е соодветно да сместуваме пациенти во објекти кои не биле предвидени за тоа. Ќе сметуваме пациенти каде што има кадар. И во соседните земји и во Германија, целиот кадар се мобилизира и капацитетите се полнат брзо.

Следните чекори се во рамките на сите интернистички клиники, кревети има доволно, меѓутоа кадарот треба да се мобилизира. Исто така се предвидува и смесстување на ковид пациенти на хирурушките клиники. Тоа ќе биде прв пат во историјата целиот систем да лекува само една патологија, со цел да се намали притисокот, рече Филипче.

Во однос на третманот на пациентите Филипче нагласи дека секогаш пациентите имаат обврска прво да се јават кај матичниот лекар и тој да ја процени здравствената состојба. Матичниот лекар е обврзан да ги прегледува пациентите и да биде на располагање 24 часа и тоа не е од сега, тоа е години наназад- рече Филипче.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 47636, бројката на оздравени пациенти е 27803, на починати е 1345, а бројот на активни случаи изнесува 18488.

Слични содржини