Заедничко спиење со дете – да или не? Експерт објаснува зошто може да биде опасно

од Vladimir Zorba

Повеќето родители, поради неколку причини, избираат нивното бебе да спие во кревет со нив веднаш по враќањето дома од болница. Една од причините е што се плашат дека нешто ќе му се случи на бебето, дека нема да го слушнат ако заспијат или едноставно не можат да одолеат да легнат покрај ситното суштество.

Сепак, медицинските експерти нагласуваат дека спиењето со бебе сè уште е многу опасно. Споделувањето на креветот со новороденче е една од причините за ненадејна смрт на доенчиња.

Имено, според податоците на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), дури 905 бебиња починале во Америка во 2020 година, сето тоа поради случајно гушење или задушување во кревет.

Неодамна се појави веста дека Брук Хантер (23), мајка од Кентаки, е обвинета за убиство од небрежност и загрозување на детето, откако нејзиното второ дете починало додека спиеле заедно.

– Шестнеделно дете почина на 22.06.2022 година поради заедничко спиење. Една година претходно, г-ѓа Хантер, исто така, имаше шестнеделно дете кое почина од истата причина, според помошникот обвинител Ејми Клаусинг.

Поради овој случај, на интернет почнаа да кружат вести кои ги предупредуваат родителите за заедничко спиење со своето дете.

Според ЦДЦ, трите најчесто пријавени типови на синдром на ненадејна смрт на доенчиња се:

* синдром на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS)
* непозната причина
* случајно гушење и задушување во кревет

Д-р Стивен Цин, шеф на педијатрија во Медицинскиот центар, вели дека е важно родителите да се едуцираат за опасностите поврзани со заедничкото спиење.

– Ова се трагични ситуации, неверојатно е тешко да се справиш со смртта на детето во првата година од неговиот живот. Мора да продолжиме со едукација и подигање на свеста – рече тој.

Што всушност е заедничко спиење?

Заедничко спиење значи дека еден или двајца родители спијат во ист кревет со бебето. Првата причина зошто е опасно е тоа што мало бебе претежно дише низ нос, кој многу лесно се блокира.

– Затоа ги замолуваме родителите да не ставаат кадифени играчки, перници, ќебиња и други постелнини во креветчињата. Ако спиете со дете, постои можност бебето да дојде во положба во која ќе има проблеми со дишењето низ нос – вели д-р Стивен.

Дополнително, бебињата немаат способност да се превртуваат од стомак на грб и обратно до околу шест месеци и не можат да избегаат од опструкција што им го ограничува дишењето.

– А тоа, за жал, води до овие страшни и трагични последици – заклучува д-р Стивен.

Слични содржини