Заев: 27 април е најмрачниот ден во поновата македонска историја, залудни се обидите да се бришат белезите

од Nikola Popovski

Премиерот Зоран Заев се огласи по повод 4-годишнината од крвавиот 27-април 2017 година. Според него, сите обиди да се бришат белезите од овој датум, кој е како најмрачен ден во поновата македонска историја се залудни и се израз на апсурдната и бесмислена намера да се прикажат како патриотизам дивеењата низ храмот на демократијата.

„Опасни и антинародни се обидите тепањето и влечењето по подот пратеници претепани до бесознание и насилството врз новинарите да се прикажува како одбрана на Устав. Тој ден се обидоа да го погазат народот и да ја доведат државата на работ на граѓанска војна само за да ја одбранат политичката иднина на човекот кој потоа истите тие свои следбеници ги осуди и избега од правдата. Упадот и обидот за окупација на домот на македонската демократија беа агресија против секој граѓанин на Република Северна Македонија, против темелите на парламентаризмот и претставуваат предавство на идеалите и принципите на слободата и демократијата“, објави премиерот на својот Фејсбук профил.

Тој потенцира дека денес, сѐ уште се чини неверојатно дека безумието отиде до таму што некои од насилниците, за да го реализираат нивниот монструозен план и намера, биле подготвени и за ликвидации.

„За да не се случи голема трагедија и најлошото, помогнаа разумот и присебноста на мнозинството од пратениците, храброста на поединците и силниот порив кај секој од нив, за безумието да заврши без трагични последици.

Сите намери и мотиви се разобличени низ независна истрага и низ повеќе судски процеси, во исказите на сведоците и непосредните учесници во тие застрашувачки дејанија во Собранието.

Застапниците на слободата и демократијата сепак победија. Мнозинската волја на граѓаните, застанати зад идејата за едно современо општество, ја донесе одлуката за поинаква, граѓанска, демократска Северна Македонија. Демократското водство презеде дополнителни историски чекори да ја стави земјата во редот на слободните и напредни демократии, што се потврди со прифаќање Северна Македонија да стане полноправна членка на НАТО и безусловната препорака да ги отпочне преговорите со ЕУ“, истакна премиерот.

За настаните во Собранието од 27-ми април, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски  добија затворска казна од 15 години.  Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.

Беа обвинети вкупно 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. 15 од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина.

 

Слични содржини