Заев: Брендирањето на производите од регионот Македонија ќе го реши експертска комисија

од Aleksandar Todeski

Секој има право да истакнува свои слогани, да се брендира како Солунски самит, здружение на индустријалци или слично, рече премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за слоганот „Macedonia is GReat“ кој беше истакнат во Солун.

„И договорот од Преспа и меѓународните стандарди јасно укажуваат како се решаваат ваквите прашања. Ние тоа прашање го имаме решено во договорот од Преспа, каде што ќе се создаде, односно треба да се дооформи меѓународната експертска комисија од двете страни каде што заедно ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија кој не спојува“, рече Заев.

Премиерот верува дека изнаоѓањето на трајно решение на ова прашање ќе биде уште еден мост на спојување на Република Северна Македонија и Република Грција во делот на градење на пријателството и стратешкото партнерство.

„Може било кој самостојно да истакне нешто, тоа никаде не е забрането, тоа не е против Преспанскиот договор, но решенијата ќе се направат преку меѓународната експертска комисија. Зошто за сите да не биде Македонија, ние веќе имаме географска одредница“, додаде Заев.

Слични содржини