Заев: Да имаме комуникација, разбирање, толеранција и заедништво

од Vladimir Zorba

Денот на азбуката се смета за еден од клучните настани во историјата на албанскиот народ, ден кога албанското писмо преку унифицирање и стандардизирање на азбуката стана рамноправен дел од модерноформираните европски писма и дел од разноличното светското културно наследство, изјави синоќа премиерот Зоран Заев во обраќањето на Свечената академија по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

– Ми претставува посебна чест што Ви се обраќам на оваа свечена академија посветена на чествувањето на 22 ноември – Денот на албанската азбука, кога се одбележуваат 111 години од одржувањето на „Битолскиот конгрес“, свикан за да се усвои унифицирано албанско писмо, истакна премиерот.

Тој нагласи дека го радува фактот што Свечената академија во чест на овој значаен настан од историјата на албанскиот народ и од историјата на Република Северна Македонија, е само еден од низата настани организирани со голема почит овие денови, по повод Денот на албанската азбука, со што уште еднаш ја потврдуваме определбата на Владата за почитување и унапредување на етничката и културната разноличност.

– Во градот на конзулите, Битола, избран за седиште на овој конгрес, кој се одржа од 14 до 22 ноември 1908 година, се собрале сите истакнати личности во културниот и политичкиот живот од почетокот на 20 век, претседателот на Конгресот, Митат Фрашери и потпретседателите Луиѓ Гуракучи и Ѓерѓ Киријази, претседателот на Комисијата Ѓерѓ Фишта и други истакнати личности како ‘Ндре Мједа, Шахин Колоња, Сотир Пеци, Бајо Топули и единствената жена на Конгресот Парашчеви Чиријази, за да направат уште еден чекор во албанската култура и историја и да ја усвојат азбуката составена од 36 латински букви, којашто е во употреба до ден денес, изјави Заев.

Според него, сведоштво за важноста на „Конгресот во Битола“, освен големиот број на делегати и албански интелектуалци, се и експонатите во поставката на Музејот на албанската азбука во Битола, каде се наоѓа одлуката за единствено, стандардизирано албанско писмо. Поставката се состои од 56 фотографии и повеќе од 230 дигитални и хартиени документи, меѓу кои и првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енџели од 1462 година.

Тој потсети дека оваа година се навршуваат и 50 години од објавувањето на читанките за настава на унифицираниот, стандарден албански јазик, посочувајќи дека авторите Хаџи Фида, Хамза Река и Муса Арифи, како и авторот на букварот Џеват Гега, се вградени сите заедно во афирмацијата на албанскиот јазик, образованието и во негувањето на културните вредности на албанскиот народ.

– Јазикот и писмото, како најсилни основи на националниот идентитет преку кои се чува и се афирмира духовното наследство, претставуваат и потенцијал за општествена интеграција, образование и развој на една заедница која не може да опстојува изолирана и самодоволна. Во таа насока наша должност и одговорност не е само да ги почитуваме, чуваме и негуваме етничките, националните, верските и културните разлики на секоја заедница, туку да го искористиме тој потенцијал за да се воспостави комуникација, разбирање, толеранција и заедништво, додаде премиерот.

Тој нагласи дека одбележувањето на културните традиции, датуми и духовни наследства на другиот, придонесува кон градење на едно и единствено општество, за сите, со проевропска и просперитетна иднина.

– Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво. Нека ни е честит Денот на албанската азбука, истакна премиерот Заев во обраќањето на Свечената академија по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

Слични содржини