Заев до Апасиев: Прашањата ви се срамни, ако имате докази за поткуп извадете ги

од Nikola Popovski

Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, го праша вечерва премиерот Зоран Заев дали пробал со голема сума евра да купи пратеници од власта и од опозицијата.

Заев рече дека вака поставено прашање без докази е недозволиво за еден лидер на партија.

„Срамота е што си дозволувате вакво прашање. Го минавте по рејтинг Мицкоски, ама изгледа сакате и мене да ме минете. Кроткичко, пополека. Не може ем да обвините ем да избегнете одговорност за обвинувањата. Лидер во опозиција вади докази и ги вади во јавноста. Тоа е исто како да ве прашам дали е вистина или шпекулација дека јас и вие сме се договориле да ви ги обезбедиме сите ресурси на изборите само да одземете гласови од ВМРО-ДПМНЕ и при тоа да дадете директен одговор дали е вистина или шпекулација дека договоривме да нѐ поддржувате понатаму ако освоите пратеник. Вака реторички прашања нема да ве однесат никаде на функција туку ќе ја разобличите една левичарска идеја. Знам ве гледам се борите, сам сте и тоа е во ред, но вака никако не. Вака нема да постигнете ништо, ова не му личи на политичар и пратеник“, рече Заев.

Апасиев се заблагодари на одговорот заклучувајќи дека Заев негира дека тоа што праша е вистина.

„Имаме докази дека таков обид за купување пратеници се случувал и дека кога СДСМ ќе паднат од власт ќе го процесуираме, бидејќи од четирите кривични пријави што ги поднесовме, досега не се процесуираше ништо. По редот на нештата пратениците поставуваат  прашања,  а не се тука да се прашувани“, изјави Апасиев.

Слични содржини