Заев: Државата за првпат дава пари директно кај граѓаните

од Берта Китинска

Владата покажа сериозна подготвеност во справување со економските последици предизвикани од коронавирусот. Во тек е реализацијата на третиот пакет економски мерки кои имаат за цел зајакнување на јавната и приватната потрошувачка и заживување на нашата економија. Концептот – Парите кај граѓаните дополнително се проширува, рече во своето видео обраќање претседателот на владејачката партија СДСМ.

-За првпат државата дава пари директно кај граѓаните со цел да ја зголеми куповната моќ и да ја стимулира приватната потрошувачка. На овој начин поддршката стигнува до сите оние на кои им е потребна. Невработените лица и примателите на социјална помош добиваат финансиска помош од 9.000 денари. Вработените со примања до 15.000 денари месечно и младите од 16 – 29 години добиваат финансиска помош од 3.000 денари, појасни тој.

Заев ги повика граѓаните кои припаѓаат во некоја од наведените категории да ја посетат веб страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk за да се информираат дали им следува картичка, нејзиниот паричен износ и постапката на издавање.

-Граѓаните не треба да аплицираат за домашната платежна картичка и за истата нема да имаат никакви трошоци. Овие средства можете да ги искористите во угостителски објекти, продавници за храна и пијалаци, маркети и зелени пазари, аптеки, бутици и онлајн продавници. Со ова вие директно ѝ помагате на економијата, им помагате на вашите сограѓани кои работат и вработуваат други лица. Ова е само една од низата мерки за градење нова, развојна македонска економија, и стимулирање на заштита, промоција и раст на домашната економска понуда. Со брза и ефикасна трансформација, побрзо и полесно ќе се справиме со последиците и повторно ќе се вратиме на очекуваните стапки на раст на економијата, порача Заев.

Слични содржини