Заев: Го напуштаме стариот начин на учење „на памет“ и преминуваме на образование кое создава граѓани што размислуваат критички

од Vladimir Zorba

„Оваа година Меѓународниот ден на образованието го одбележуваме во услови на пандемијата со КОВИД-19 која наложи потреба од промени и прилагодувања на образовните системи. Како приоритетна се наметна и потребата од суштинска дигитализација како алатка за трансфер на знаењата и за учење во безбедна и инспиративна средина. Целиот свет, како и Северна Македонија земја, е во постапка на денешните генерации да им се обезбедат условите за безбедно и инклузивно и целосно отворање на училиштата, како и за поддршка на сите наставници за обука и професионален развој во новите услови“, пишува премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

„Владата на Република Северна Македонија оваа година издвои околу 1 милијарда денари за капитални инвестиции – што е за два и пол пати повеќе во споредба со минатата година. Со овие средства ќе овозможиме поквалитетен образовен процес за околу 100.000 ученици, студенти и наставен кадар. Ќе реконструираме основни и средни училишта секаде низ државата, ќе градиме спортски сали и ќе продолжиме со реконструкциите на студентските домови и јавните установи за високо образование.

Инвестирањето во современа образовна инфраструктура оди паралелно со интензивната дебата за реформите на образовните програми кои следат, за да го напуштиме стариот начин на учење „на памет“ и да преминеме на образование кое создава граѓани што размислуваат критички и логички и носат заклучоци врз основа на факти, докази и анализи. Ги вложуваме сите напори за да креираме модерни образовни политики фокусирани на грижата за индивидуалните потреби на учениците за да му овозможиме на секое дете да го развие својот потенцијал“, додава Заев.

Слични содржини