Заев и лидерите од Западен Балкан на проштална средба со Меркел во Тирана

од Берта Китинска

Премиерот Зоран Заев денеска во Тирана ќе присуствува на средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Заев ќе ја предводи владината делегација во чиј состав се и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Според агендата, предвидено е попладне владината делегација да има билатерална средба со канцеларката Меркел.

Во рамки на еднодневната работна посета, премиерот Заев ќе го посети и Македонскиот културен центар во Тирана.

За помалку од две недели Германиците на парламентарни избори ќе го избораат наследникот на канцеларката Ангела Меркел бидејќи таа нема да се кандидира за нов мандат. Наместо изборна трка за нов мандат, таа се одлучи да се повлече и германското „чус“ да го направи од Балканот. Меркел вчера го посети Белград и се збогува со српскиот претседател Александар Вучиќ, а денеска ќе  присигне во Тирана.

Меркел пред изборите во Германија, ќе се сретне на 16 септември со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.

Во меѓувреме во Германија се мерат рејтинзите и на партиите и на евентуалните наследсници на Меркел.
Истражувањето на јавното мислење за РТЛ и НТВ, спроведено од агенцијата „Форса“ покажува дека социјалдемократите (СПД) водат со 23 проценти, пред сојузот ЦДУ/ЦСУ на канцеларката Ангела Меркел со 22 проценти. Зелените се на третото место со 18 проценти, додека либералната ФДП е четврта „сила“ со 12 проценти поддршка

Социјалдемократите во Германија водат пред конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ, првпат по 15 години.
„Политико“, врз основа на податоците од анкетите од многубројни извори, анализира дека СПД и ЦДУ/ЦСУ се во мртва трка, со тоа што, според вака собраните податоци, конзервативците водат со 23 проценти, пред социјалдемократите со 22 проценти. Поддршката за конзервативците се намали откако нивниот кандидат за наследник на Меркел, Армин Лашет, направи серија непријатни гафови и, според оценката на „Политико“, се чини дека досега не успеа да ја убеди јавноста дека е достоен да го преземе кормилото.

Социјалдемократите, пак, бележат подем токму како резултат на популарноста на нивниот кандидат за канцелар, министерот за финансии Олаф Шолц.

Анкетата покажува дека Шолц е главниот избор за канцелар доколку гласачите можат директно да ја изберат личноста за оваа позиција и тоа со 30 проценти, далеку пред кандидатката на Зелените, Аналена Баербок, со 15 проценти и Лашет со 11 проценти.

Слични содржини