Заев и Шахпаска отворија градинка во Ресен: Грижата за секое дете е врвен приоритет на Владата

од Nikola Popovski

Премиерот Заев заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шaхпаска и градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски присуствуваа на отворање на нова градинка, изградена по најсовремени стандарди во оваа Општина.

Според премиерот, грижата за секое дете е врвен приоритет на Владата.

„Заедно со министерката Шахпаска и градоначалникот Гошаревски, ја отворивме новата градинка „Јаболче“ во Ресен. Градинката е пример за концептот „Едно општество за сите“, затоа што тука заедно ќе бидат згрижени деца од македонска, албанска и турска етничка заедница. Градинката е изградена според европски и светски стандарди, онакви во какви што нашите деца треба да растат, да се развиваат и да учат“, изјавил Заев.

Тој додава дека во периодот од 2017 до 2020 година отворени се и проширени капацитетите на 63 објекти низ целата држава, со што обезбедиле згрижување на 3.386 деца.

„Само во последните три месеци, отворени се 5 нови градинки во Гостивар, Сарај, Илинден, Лозово, Брвеница, еве денеска и Ресен, со што е зголемен опфатот за 415 места. До крајот на годината ќе се отворат и градинките во Куманово, Боговиње, Босилово и с. Прдејци – Гевгелија со што ќе се зголеми капацитетот за уште 189 деца“, нагласува премиерот.

Министерката Шахпаска, се осврна на заложбите на Министерството за труд и социјална политика за изградба на градинки кои ги следат сите стандарди за правилен детски развој.

„Денеска ја отвораме шестата нова градинка од почетокот на мандатот на оваа Влада. Новиот објект „Јаболче” при Јавната установа за згрижување на деца 11 Септември, ќе згрижи 102 деца организирани во 5 групи. Оваа градинка е пример за концептот „Едно општество за сите”, затоа што тука заедно ќе бидат згрижени деца од македонска, албанска и турска етничка заедница. Во особено кратко време, за само 10 месеци, од руиниран и запуштен објект на некогашно училиште, успеавме преку целосна реконструкција и адаптација да направиме еден прекрасен објект, кој притоа ги задоволува стандардите за енергетска ефикасност и има систем на еколошко греење. За целиот проект Министерството за труд и социјална политика, инвестираше околу 29 милиони денари, во градежниот дел и во опремување на градинката. При проектирање на самиот објект особено е посветено внимание за пристапност до објектот која е обезбедена преку пешачки патеки и рампи за совладување на висинските разлики и непречен пристап на лицата со попреченост”, заклучи министерката Шахпаска.

Слични содржини