Заев: Имаме сопствена историја, но нели, османлиското ропство е заедничка историја и за нас и за Бугарија?

од Nikola Popovski

„На некои историските комисии им требало и по 20 години да дојдат до решение, а ние во првите две години успеавме да се договориме за пет историски ликови и три историски периоди и ги славиме заедно“, изјавил премиерот Зоран Заев за Мешовитата историска комисија меѓу С. Македонија и Бугарија, во интервју за „Фокус“.

Според него, историјата треба билатерално да се решава и за неа да разговараат експерти и историчари, иако историјата е динамична наука и секој има право на различни погледи, аргументации и докази за својата автентичност.

„Тие секогаш искажуваат незадоволство од реализација на Договорот, но не треба да се заборави дека нашата земја помина низ референдум, промена на Уставот, а дојде и пандемијата“, вели Заев и додава:

„Ние имаме наша сопствена историја, но и заедничка. Нели, османлиското ропство е заедничка историја и за нас и за Бугарија? Зарем Римското царство не го покривало целиот овој регион? Затоа денеска славиме заеднички ликови како Цар Самоил, Св.Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Точно и јасно знаев што кажувам и никогаш не биле моите непромислени изјави, туку биле отворени и чесни изјави“.

Македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, копретседавач на заедничката историска комисија помеѓу Македонија и Бугарија, неодамна во интервју за бугарски „БТВ“ изјави дека темпото на работа на комисијата се променило поради бугарските декларации, а не затоа што Македонија не сакала да продолжи со работа по приемот на НАТО.

„Духот на работата на комисијата се промени поради некои други работи, не поради тоа што Бугарија даде поддршка за влез во НАТО и со тоа ние ја исполнивме нашата цел и не сакаме да работиме. Доколку тоа беше така, можеби оваа држава и ќе ја прекинеше работата на комисијата. Меѓутоа, апсолутно тоа не е целта. Промената на работата на комисијата, би рекол, дека се случи поради неколку политички настани, декларации, кои беа, пред сè, усвоени во бугарското општество. Видете, ако ние треба да изградиме заеднички став во комисијата за тоа, на пример, дека треба заеднички да го чествуваме Гоце Делчев, а притоа државата со која треба заеднички да го чествуваме Гоце Делчев не го признава македонскиот јазик, тврди дека ние сме нација од 44-та година, Титова, како може ние една таква препорака да дадеме до нашата Влада? Како можеме да дадеме таква препорака за држава која не нè признава онака како што сметаме ние дека како нација постоиме? И на кој начин таа јавност овде ќе ја прифати таа препорака?“, вели Ѓоргиев.

Слични содржини