Заев на средба со Фон дер Лејен во понеделник

од Vladimir Zorba

Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев во понеделник ќе се сретне со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен, потврдиле од Владата за „360 степени“.

Од Владата засега не соопштуваат детали околу средбата.

ЕУ комесарот за проширување Оливер Вархеји неодамна изјави дека се разгледува можноста Албанија сама да продолжи на европскиот пат, доколку Северна Македонија не успее да постигне компромис со Бугарија за историските прашања.

„Доколку повторно ни се случат потешкотии со Северна Македонија, што значи дека би биле неуспешни во убедувањето на С. Македонија и на Бугарија да изнајдат обострано прифатливо решение, тогаш ќе се отвори прашањето дали можеме да продолжиме само со Албанија. И ние мора да го разгледаме тоа прашање“, рече Вархеји алудирајќи на јунскиот самит на ЕУ.

„Разделувањето може да биде опција“, вели тој.

Заев денеска на 4 мај го прими во својот Кабинет еврокомесарот Вархеји.

Премиерот нагласи дека Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изрази очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

Во насока на исполнување на европските стандарди во процесите кои се во тек, Заев ја истакна посветеноста на институциите, државата и општеството на европските реформи и ги издвои резултатите кои се особено видливи во областа владеење на правото и борба против корупцијата, додека пред очите на јавноста се случуваат неповратни процеси за справување со организираниот криминал.

Слични содржини