Заев: Нема да дозволиме причини за нови одлагања со ЕУ

од Aleksandar Petrovski

Во разговорите со европските членици изразивме надеж дека подготвеноста на Северна Македонија ќе се формализира и со усвојување на рамката за преговори на почетокот на идниот месец, по што ќе следува и Првата меѓувладина конференција до крајот на годината, изјави денеска премиерот Зоран Заев по онлајн состаноците со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, потпретседателот на ЕК Жозеф Борел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј и претседателот на ЕП Дејвид Сасоли.

На средбите заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, рече Заев, изразивме благодарност за поддршката на нашата земја и одлуката на ЕУ од март годинава да отпочнат преговори за членство со Северна Македонија, што започна нова ера во нашите меѓусебни односи.

– На нашите соговорници им порачавме дека нашиот пат кон ЕУ нема алтернатива и дека очекуваме многу скоро да ги направиме првите следни чекори со секое отворено поглавје за европскиот квалитет на живеење на нашите граѓани, изјави Заев.

Заклучивме, посочи тој, дека е вложено многу од двете страни и ние сме подготвени со преговорите по поглавјата целосно и безусловно да ја исполниме нашата ЕУ агенда.

– Нема да дозволиме причини за нови одлагања, затоа што остварувањето на нашата следна стратешка цел членството во ЕУ е наша свечена обврска во име на иднината на државата и граѓаните. Нашата земја останува посветена на негување на добрососедските односи со континурирана имплементација на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, кои донесоа нова енергија и придонесоа за обновување на интензитетот на проширувањето на ЕУ со земјите од регионот, изјави Заев.

На нашите европски пријатели, нагласи Заев, им пренесов дека со соседна Бугарија имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи и тоа го правиме.

– Меѓусебната соработка треба да расне, да градиме пријателство и да го почируваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности, изјави Заев.

Признанието во Извештајот на ЕК, рече тој, го оценивме како особено значајно за постигнатиот напредок во реформите, особено во клучните области – судството и борбата против корупцијата.

– Извештајот за Северна Македонија е објективна и сеопфатна проценка на вкупното ниво на усогласенолст на националното законодавство во правото на ЕУ. Укажувањето на областите за кое е потребно дополнително усогласување за владата се силен мотив. Препораките да се преточат во нашата агенда за континуитет на реформиет, изјави Заев.

Соговорниците, рече Заев, очекуваат во претстојниот период да се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи Првата меѓувладина конференција што ќе го означи почетокот на затворањето на поглавјата за нашето членство во ЕУ, како прв чекор за градење на нашата заедничка иднина.

Слични содржини