Заев: Никој не брза за избори, на сите ни е најважно здравјето

од Vladimir Zorba

Лидерот на СДСМ и експремиер, Зоран Заев за „Топ Тема“ на „Телма“ ТВ изјави дека на вчерашната лидерска средба направен е сериозен напредок, откако констатирале неколку работи за кои се согласиле сите.

– Ќе мора да живееме со коронавирусот додека не се најде вакцина, Кривата паѓа, но се појавуваат повремени случаи. Граѓаните мора да знаат дека никој не брза за избори, на сите нам ни е најважно здравјето. Кога немаме Собрание и функционална политичка влада, ни треба побрзо да го завршиме тој процес со изборите. Летниот период кој следи ќе донесе високи температури и како со маски ќе одиме на избори? Можноста за нови пикови се јавува и во лето, и на есен. Така зборуваат здравствените работници, изјави Заев.

Тој објасни дека на лидерската среда било договорено да има избори.

– Заклучивме на лидерската да организираме избори. Да видиме дали ОДИХР е спремна да дојде и во каква форма. Веќе чекаме информации за тоа. ДИК денеска имаа средба за да продолжат со ажурирање на списокот, има нови гласачи од 18 години, како и да се утврдат датуми за кампања, според сите здравствени протоколи, да знаеме што е дозволено, а што не. Следната недела ќе имаме уште една лидерска. Ние го предложивме 14 јуни, но ние сме отворени да зборуваме, за да може опозицијата да се чувствува комотно и да организира кампања. Ако не прашаат од ОДИХР, или ДИК, да имаат ориентационо кога е датумот, затоа ние сакавме да се постави некој датум. Следната недела сум убеден дека ќе имаме датум за избори, рече Заев.

Според него сите држави сега дефинираат избори, затоа што летото ќе се отворат границите и нема да се знае како ќе се движи кривата со пандемијата.

Тој дополни дека ако здравствените работници кажат дека не може избори, нема да се оди на избори.

Слични содржини