Заев: Николовски сака со невистини да го урне моето име

од Nikola Popovski

Во Граѓанскиот суд во Скопје денеска се одржа главната расправа по тужбата на премиерот Зоран Заев против потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски за клевета, за изјавата на Николовски дека „Заев е врвот на пирамидата во случајот „Рекет“.

Денеска беше главната расправа и распитот, по што Николоски изјави дека во судницата Заев лажел кога одговарал на неговите прашања.

-Од главната расправа и распитот кој го имавме денеска за прашањата кои му ги поставив на Заев јавноста може да дознае неколку работи. Прво, Зоран Заев лажеше во судот што е кривично дело затоа што кажа дека не знаел дека целокупниот врв на СДСМ, имале средби со Боки-13. Сите тие имале средба ама Зоран Заев не знаел. Втората лага која ја кажа е дека ние денеска разбравме оти посетите на домот на Боки-13 и оние снимки кои ги видовме всушност биле дел од активностите ’од врата на врата‘ на партијата СДСМ. Како што одговори Заев имале редовни активности за посета на гласачи, членови и симпатизери на СДСМ и така одејќи од вратата на врата, и Шекеринска, и Кирацовски, и Филипче, и Богоев и другите, отишле на врата на Бојан Јовановски, а тој бил доволно гостопримлив па ги поканил на кафе, изјави Николовски пред новинарите.

Премиерот Зоран Заев, како тужител, во својот исказ изјави дека смета оти „со јасно однапред смислена намера, заради политички цели се споделени апсолутни невистини, од страна на господинот Александар Николоски, со конечна цел, да се изманипулира јавноста“, односно, како што нагласи, со случајот „Рекет“ да се „урне неговото име“.

– Како актуелен претседател на Владата и претседател на СДСМ, а имајќи предвид дека тужениот е потпретседател или член на високото раководство на партијата опонент, ВМРО-ДПМНЕ, со многу јасно кажана изјава, преку која се гледа очигледната намера да се нанесе непоправлива штета која што ќе донесе корист, лично за него и неговата политичка партија, затоа што и јас и тужениот извршуваме високи политички и партиски функции и преку тоа, тужениот, би го намалил рејтингот, кредибилитетот и авторитетот пред граѓаните во кои што јас и тужениот, а и нашите политички партии претендираме да го градиме макотрпно, преку дела, тоа име, истакна Заев.

Следното рочиште во граѓанскиот суд за тужбата на Заев против Николоски ќе се одржи дури на 4 октомври.

Слични содржини