Заев од Сараево: Време е регионот да си го „спакуваме“ како инвестициски потенцијал

од Vladimir Zorba

Поранешниот премиер на РСМ, Зоран Заев на првиот панел на Сараево бизнис форум дека светот, поради кризата во Украина и пандемијата, се соочува со недостаток на храна, глобална реорганизација на снабдувањето со енергенси, ценовни шокови.

– Огромни се предизвиците и оттука огромна е вредноста на ваквите дискусии и форуми во потрага по промислени, здружени, регионални и глобални решенија. Мораме да соработуваме, за да успееме. Клучот е во партнерствата, во сојузништвата. Во услови на ризици од глобален немир, мораме да се здружуваме и да создаваме платформи, соработки и партнерства кои емитуваат регионален мир, стабилност, предвидливост. Затоа, регионалната соработка ја ставам на првото место, истакна тој додавајќи дека „време е регионот да си го „спакуваме“ и како инвестициски потенцијал“.

За да ги донесеме големите играчи, смета тој, треба да и ние да играме поголема игра.

– Западен Балкан има огромни потенцијали за создавање енергија од обновливи извори на енергија, имаме многу сонце, ветер и вода. Тоа подразбира инвестиции во големи стратешки и инфраструктурни проекти, а денес тоа го можат големи и глобални инвеститори. Нашите држави може да се конкурентни за вакви проекти само ако се здружиме и ако настапуваме како регион. На тој начин недостатоците ќе исчезнат, придобивките ќе пораснат, тврди Заев.

Проектот Александруполи го нарече типичен пример за тоа како треба „да се игра регионално“ кога е во прашање глоабалната енергетска политика.

– Сметам дека треба да сме уште похрабри и поодлучни кога станува збор за регионалното поврзување. Ситуацијата во Украина ја налага таа нужност и ги зголемува потенцијалите од регионалната соработка на Западен Балкан. Но, ова се големите чекори кои ќе проработат на среден рок. А, кризата тропа на врата секој ден. Затоа, нашите држави мораат да продолжат засилено да ги помагаат граѓаните директно. Особено најранливите и најсиромашните, посочи екс премиерот.

Уверен е дека економиите на Западен Балкан ќе бидат и посилни и подинамични доколку соработуваат, доколку се здружуваат и доколку се стремат што поскоро да прераснат во една единствена отворена економија на Западен Балкан.

-Тоа е гаранција за конкурентност во однос на целиот свет, гаранција за инвестиции, за работни места, за потрошувачка моќ и конечно, гаранција за подобар живот на нашите граѓани, додаде Заев.

Слични содржини