Претседателот на СДСМ, Зоран Заев од граѓанската трибина на коалицијата „Можеме“ во Струга изјави дека денеска имаме признаена земја од целиот свет и не е северна Тангузија туку Северна Македонија и друга држава немаме.
„Имаме имотен лист, имаме лична карта во ОН, ние сме Македонци кои зборуваат на македонски јазик. Можат да си прават бајрам на паметот за делби и парчосување на нашата татковина во иднина. Ги исполнивме нашите стратешки цели. Сите фронтови пред нас се отворени и сите мегдани ни се на дофат. Зар сега ќе се враќаме на режимот повторно назад?“, рече Заев.
Според него, за 300 посто е зголемена социјалната помош.
„Ги покачивме платите во здравството, оти ни бегаа лекарите и медицинските сестри. Во образованието ги покачивме платите за 21 посто, во армијата за 15 посто“, соопшти Заев.
Тој додаде дека не бараат поддршка за гола власт, туку бараат мандат за да можат заедно со народот да го кренат економскиот стандард на животот.
„Заедно да му се радуваме на успехот пред нас, немаме опструкции повеќе, имаме само пријатели и отворен пат“, изјави Заев.