Заев од Виница: Со успехот на референдумот го потврдуваме идентитетот, очекувам поддршка од младите

од desk2

Граѓаните на Македонија имаат историска шанса да ја определат натамошната иднина на државата и верувам дека ќе ја искористат со тоа што позитивно ќе се изјаснат на претстојниот референдум за стапување во сојуз со развиените и демократски земји во Европа и светот.

Ова го истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев на вечерашната трибина со граѓаните на Виница, на која зборуваше за важноста на постигнатиот договор со Грција и за очекуваната поддршка од граѓаните на референдумското изјаснување.

– Конечно го потврдивме нашиот идентитет и нашиот јазик, кои се македонски. Тоа се работи за кои не се преговара, затоа што сме биле, сме и ќе останеме Македонци, а со договорот тоа сега ни е признато и од соседите и од сите членки на ЕУ и НАТО. Никој повеќе нема да не негира и никогаш веќе нема да ни го повредува идентитетското чувство со досегашното ФИРОМ. Тоа е важно и за нашите, но и за генерациите што доаѓаат по нас, поради што на референдумот очекувам огромна поддршка од младите, истакна Заев. 

Зборувајќи за економските придобивки за локалните самоуправи од влегувањето во ЕУ, Заев истакна дека финансиската помош ќе биде многу поголема од сега.

– Општини со големина каква што е Виница ќе добиваат грантови од два до пет милиони евра годишно, за училишта, водовод и канализација, за детски градиски, спортски терени и секаков друг вид инфраструктура. Освен тоа, секој наш стопанственик ќе може дополнително да аплицира за помош од кохезивните фондови на ЕУ кога ќе набавува нови машини и опрема да поврати до 80 отсто од парите. Поддршката од европските фондови за стопанството ќе биде поголема од 700 милиони евра годишно. Со влезот во НАТО, што го очекуваме во февруари догодина, ја обезбедуваме нашата безбедност и стабилност, додаде Заев.

Во обраќањето на трибината, Заев рече оти очекува и опозицијата конечно да сфати дека е потребно да изгради став за референдуот, затоа што, според него, лидерство е да се заземе став, да се носат одлуки и да се води народот.

На трибината пред граѓаните на Виница зборуваа и градоначалникот Ивица Димитров, како и сопственикот на компанијата „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, кои ги повикаа своите сограѓани да излезат на референдумското изјаснување и да дадат поддршка.

Слични содржини