Заев одлучи: Филипче останува министер за здравство

од Берта Китинска

Премиерот Зоран Заев не ги прифати оставките на министрите кои ги поднесоа по пожарот во Тетово каде животот го изгубија 14 лица, објаснувајќи дека „нема причина да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај нив“.
“Внимателно ги прочитав наодите на истражителите за причините на несреќата во тетовската модуларна болница.Како што е јавно соопштено, со стручните наоди на вештачењето е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучен кабел.Врз основа на овие и на претходно добиените информации, сакам да ја известам јавноста дека: Нема причина да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот д-р Венко Филипче и заменик-министерот за здравство д-р Илир Хасани, кои потсетувам, од морални причини поднесоа оставки кои чекаа на мојата одлука. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор, ќе се произнесат надлежните органи.Останувам на ставот дека нема да дозволам политизирање на трагедијата во тетовската болница.Ние политичарите и извршната власт генерално не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постапуваа по наредба на ЈОРМ.Откриена е причината за пожарот и таа е јасно и јавно објавена. Ја примив оваа информација и постапувам, кажа премиерот Зоран Заев.

Тој напомена дека веднаш дал насоки до Министерството за здравство во најкус можен рок да се извршат темелни теренски контроли во сите модуларни болници.

-Сега е најважно да се засилат контролите и проверките, за да се намали ризикот од вакви несреќи предизвикани од страни предмети во иднина, поради што за жал изгубивме 14 животи.Не сме единствената земја во светот во која се случуваат трагедии. Романија е последен пример дека тешката деноноќна борба со пандемијата ги прави јавно здравствените системи поранливи од мирнодобските периоди.Ни се случи страшна трагедија и нема бегање од тоа. Изразувам уште еднаш сочувство до семејствата на загинатите.На македонското здравство, на сите граѓани им е потребен систем кој соодветно ќе одговори и ќе ги заштити во време на пандемија. Затоа треба да гледаме и подалеку од денес и подалеку од утре. Уверен сум дека Филипче и Хасани направија и професионални и лични ангажмани за македонското здравство и спасија илјадници човечки животи и затоа им ја давам довербата да продолжат да го водат здравствениот систем, кажа Заев.

Села: Заев се обидува да го обвини медицинскиот персонал и да го спаси Филипче

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, од митингот во Арачиново, го обвини премиерот Зоран Заев, дека конечно докажал дека не ги третира подеднакво сите граѓани, туку ги штити само своите партиски функционери.

Коментирајќи ја одлуката да не се прифатат оставките на министерот и заменик -министерот за здравство, Села рече дека Заев сака вината за трагедијата во Тетово да ја префрли на медицинскиот персонал и да го спаси својот министер. Покрај тоа, првиот човек на АА, наведе пет причини за кои рече дека одговорноста треба да ја преземат Владата, Општина Тетово и дирекцијата на болницата.

Мицкоски не прифаќа дека причина за пожарот е кабел или полнач за телефон

Како човек никогаш нема да прифатам дека за смртта на 14 луѓе во Тетово може да биде виновен кабел или нечиј полнач за телефон, без да има одговорност за нефункционирањето на системот за кој министерот и заменик министерот се директно одговорни за животите на пациентите во болницата, реагираше вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на одлуката на премиерот Зоран Заев да не ја прифати оставката на Венко Филипче.

-Заев треба да престане да се надева дека ќе веруваме во неговите глупости кои имаат јасна цел – да ја сокријат објективната вина, негова и на неговите министри. Кој дозволил таква инсталација во болницата и немање на противпожарни апарати? Кој дозволил опасни боци на кислород во необезбедена болница? Кој дозволил роднини на пациенти и други цивили во болницата? И кој друг ако не министерот, заменикот министер и самата Влада е одговорна за животот на пациентите.

Кажете и јавно на јавноста дека Заев и Ахмети здружено, како и за други тендери, се договориле никој да не одговара, вели Мицкоски.

Слични содржини