Заев: Особено важно е спроведувањето на економските реформи со особен акцент на вложувања во капиталните инвестиции

од Nikola Popovski
Премиерот Зоран Заев на денешната онлајн средба со заменик-амбасадорот на Германија во земјава, Ото Граф, двајца претставници на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), директорот Давид Оберхубер и раководителката на портфолиото на ГИЗ Соња Андонова и вицепремиерот Фатмир Битиќи ја истакнал важноста на капиталните инвестиции, кои, како што рекол, носат придобивки за економијата и за државата.

На средбата на која во фокус биле унапредувањето и имплементацијата на економските политики на Владата, премиерот нагласил дека е особено важно спроведувањето на економските реформи со особен акцент на вложувања во капиталните инвестиции, изградба на патишта, инфраструктура, гасификација, болници, училишта кои на долг рок треба да ја зголемат економската активност во земјата.

– Претседателот на Владата истакна дека се спроведуваат значајни реформи кои се од голема важност за економски напредок на Северна Македонија, ставајќи акцент на можностите за искористување на обновливите извори на енергија, приватизацијата на земјоделско земјиште под одредени услови, како и зајакнување на концептот на јавно-приватно партнерство, се со цел подобрување на деловниот амбиент и зголемување на инвестициските активности, информираат од Владата.

На онлајн средбата, акцент бил ставен и на сузбивањето на сивата економија, која, како што рекле соговорниците, прави штета не само на регистрираните деловни субјекти, туку и на буџетот на државата.

Од учесниците било заклучено дека она што е од голема важност за економскиот раст и во услови на пандемија е зголемувањето на продуктивноста на компаниите, што треба да резултира со пораст на платите и подобрување на животниот стандард како крајна цел.

Слични содржини