Заев: Паралелно со овие обиди за опструкции и блокади, граѓаните секој ден беа изложени на лажни вести и дезинформации

Премиерот, Зоран Заев денес се огласи на социјалните мрежи и уште еднаш потврди дека мнозинството е стабилно по добиената доверба која вчера се изгласа во Собранието, но и потренцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметена како најголемиот кочничар на реформите, мерките и политиките што се во интерес на граѓаните
„Работата на пратениците во македонското Собрание, мора да биде во насока на интересот на граѓаните, на државата.
ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметена како најголемиот кочничар на реформите, мерките и политиките што се во интерес на граѓаните.
 Ги блокираа и одолговлекуваа пакетот реформски закони во правосудството.
 Блокираат измени на закони од кои зависи спроведувањето на мерките од петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за стопанството.
 Беа против покачувањето на минималната плата и решавањето на статусот на дополнителен број стечајци.
 Беа против една изборна единица, затоа што се плашат од гласот на граѓаните.
 Сите сили ги спрегнаа за да го спречат донесувањето на Законот за попис.
 Го блокираат Законот за Клинички центар, огромен капитален проект од највисоко значење на граѓаните.
 Со стотици или илјадници амандмани во Собранието ги блокираат Законот за административни службеници, Законот за високо образование, Законот за внатрешни работи, Законот за работни односи, Законот за здравствена заштита, Законот за културно наследство и Законот за јавен интерес во културата, Законот за инвестиции за енергетска ефикасност, Законот за инвестиции во земјоделството и многу други.
Недозволиво е да не се закажуваат собраниски комисии кои ги води опозицијата, да се поднесуваат илјадници амандмани за важни закони, да не се дозволува работа онлајн во време на пандемијата.
Сето ова е дел од едно деструктивно однесување за да се блокира државата, но ова сценарио не успева.
Паралелно со овие обиди за опструкции и блокади, граѓаните секој ден беа изложени на лажни вести и дезинформации за некакво ново лажно мнозинство, на некоја нова лажна нестабилност.
Сепак, како и секогаш, вистината е најсилното оружје против лажните вести и невистините.
Затоа побаравме доверба за да ги разобличиме блокадите кои го запираат напредокот и ја кочат правдата и добивме доверба од мнозинството пратеници“, се вели во фејсбук објавата на премиерот, Заев.

Слични содржини