Заев: Платите ќе растат и понатаму, се грижиме за сите граѓани

од Nikola Popovski

Продолжува растот на просечната плата. Во април годинава таа изнесувала 28.438 денари, што е зголемување од 10,1% или за 2.608 денари во споредба со април 2020, кога била 25.830 денари, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.

Тој наведува дека согласно податоците од Државниот завод за статистика, зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (28,6%), Финансиски дејности и дејности на осигурување (24,0%) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (21,7%).

„Платите ќе растат и понатаму, бидејќи се грижиме за сите граѓани подеднакво!“, стои во објавата на премиерот.

Според Државниот завод за статистика, просечната нето-плата годинава е поголема во однос на април лани за 10,1 отсто, додека бруто платата за 10 проценти.

„Зголемувањето на просечната нето-плата се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (28,6 отсто), Финансиски дејности и дејности на осигурување (24 отсто) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (21,7 проценти), додека зголемувањето на бруто платата е резултат пред се на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (28,3 отсто), Финансиски дејности и дејности на осигурување (24,1 процент) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (21,4 отсто)“, информира Заводот.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во однос на март 2021 е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21,4 отсто), Уметност, забава и рекреација (3,7 отсто) и Земјоделство, шумарство и рибарство (2,9 проценти).

Слични содржини