Заев предложи датум, партиите реагираа и најавија победа на локалните избори

од Берта Китинска

За да не се совпадне кампањата со Пописот, на 31 октомври да се одржат локалните избори е нашиот предлог. Доколку се согласат сите политички партии тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Премиерот информираше дека во однос на отворените листи, постигнат е договор со поголемите партии.

„Министерот Маричиќ ќе ги каже деталите. Меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса и Алтернатива има договор. Сега уште со малите партии. Не е тоа официјализирано зашто ќе биде официјално кога барателите, а тоа се малите политички партии, ќе бидат задоволни со ваквото унапредување на демократските модели. Се работи за отворени листи каде ќе се гласа – има една преференца. Предлогот е да има најмалку праг од три проценти. Кога би биле 16.000 избирачи, три отсто е околу 500. Тогаш, таа преференца ќе го качува кандидатот погоре на листата. Малите партии имаат резерва, викаат – ќе видиме дали е тоа фер и правично за нас. Сепак се помали, нивните гласови се дисперзирани“, истакна Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ регираат дека пред изборите партиите преговарале за датумот на одржување на изборите и за препораките на ОБСЕ и ОДХР.

„ Тоа што Заев денес изнесува датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии уште еднаш го потврдува фактот дека Заев стравува од одржување на локалните избори, стравува од судот на народот и бара начин истите да ги одложи. Исто така, Уставот е над се’ и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. Ако неговиот аргумент е одржувањето на пописот, тогаш Заев може да го одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот„ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Села испрати порака до ДУИ и СДСМ

Според Уставот изборите треба да се одржат на 17 октомври и овој датум е наш предлог, велат од Алијнаса за Албанците откако премиерот Зоран Заев денеска изјави дека добро би било изборите да се одржат на 31 октомври за пописот да не се поклопи со кампањата за изборите.

– Алијанса за Албанците е спремна да победи на избори кога и да се одржат тие. Не гледаме основна причина за одложување на датумот, но и најавите за ситуацијата со пандемијата не одат во прилог на одложување на изборите. Го разбираме и стравот на партиите од власта кои бараат начин да купат време со надеж дека нешто ќе се промени. Ние им велиме на СДСМ и на ДУИ изберете го датумот кога сакате да изгубите – велат од партијата на Зијадин Села.

Ако изборите се одржат на 24 октомври пописот и локалните избори нема да се поклопат

Директорот на заводот за статистика Апостол Симовски за „Локално“ вели, дека изборите и Пописот нема да се поклопат, доколу датумот на нивното одржување биде на 24 октомври.

-Пописот започнува на 5 септември и ќе трае 26 дена, што значи дека ќе заврши на 30 септември. Нема да има никакво поклопување на изборите со Пописот на населението, бидејќи според, Изборниот законик кампањата трае 20 дена, пред денот на изборите. Пописот треба да се одржи во месец октомври и не би требало да се одложи, бидејќи веќе трипати го одлагаме. Во нашата држава немаме попис 20 години, вели Симовски.

Слични содржини