Заев предложи локални избори да бидат на 31 октомври, ВМРО-ДПМНЕ со свој став по ова прашање

од Берта Китинска

За да не се совпадне кампањата со Пописот, на 31 октомври да се одржат локалните избори е нашиот предлог. Доколку се согласат сите политички партии тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Премиерот информираше дека во однос на отворените листи, постигнат е договор со поголемите партии.

„Министерот Маричиќ ќе ги каже деталите. Меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса и Алтернатива има договор. Сега уште со малите партии. Не е тоа официјализирано зашто ќе биде официјално кога барателите, а тоа се малите политички партии, ќе бидат задоволни со ваквото унапредување на демократските модели. Се работи за отворени листи каде ќе се гласа – има една преференца. Предлогот е да има најмалку праг од три проценти. Кога би биле 16.000 избирачи, три отсто е околу 500. Тогаш, таа преференца ќе го качува кандидатот погоре на листата. Малите партии имаат резерва, викаат – ќе видиме дали е тоа фер и правично за нас. Сепак се помали, нивните гласови се дисперзирани“, истакна Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ регираат дека пред изборите партиите преговарале за датумот на одржување на изборите и за препораките на ОБСЕ и ОДХР.

„ Тоа што Заев денес изнесува датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии уште еднаш го потврдува фактот дека Заев стравува од одржување на локалните избори, стравува од судот на народот и бара начин истите да ги одложи. Исто така, Уставот е над се’ и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. Ако неговиот аргумент е одржувањето на пописот, тогаш Заев може да го одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот„ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини