Заев: С. Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО

од Stefanija Kuzmanovska

Со консензус е донесена одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО – природното и културното наследство на нашиот, светскиот Охридски Регион нема да биде впишано на листата на светско наследство во опасност, објави на својот профил на Фејсбук премиерот Зоран Заев.

„Ова е признание за напредокот за зачувување на вредностите на Охридскиот Регион, но и најсилно предупредување дека сите мораме да се вложуваме и постојано да го штитиме охридското, македонското, светското наследство.

Во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилиме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

Северна Македонија продолжува со исполнување на препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и во соработка со општинските власти во Охрид, Струга и Дебрца и со граѓаните, ќе продолжиме да работиме посветено во таа насока.

Го штитиме нашето природно и културно наследство затоа што тоа е наше и светско културно наследство кое треба да го предадеме и на идните генерации. Со заштитата според највисоките стандарди од препораките на УНЕСКО за Охридско-струшкиот Регион го подобруваме и квалитетот на живот на граѓаните и го афирмираме владеењето на правото“, наведе премиерот.

Слични содржини