Заев: СДСМ е подготвена за коалицирање со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок

од Берта Китинска

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска од Виница најави предност на својата партија во однос на коалициското договарање за претстојните избори со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок.

– Со ДУИ ги решивме крупните прашања во Владата, а ние сме единствена партија која има лепеза на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Коалициите ќе бидат задржани и малку проширени, а тоа нема да биде подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ. Тоа ни дава за право да бидеме фаворити на овие избори. Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти. Лично сум задоволен од преговорите, затоа што зборуваме за вредности, за програми, за давање збор, нешто што мора да нè спои, како и за преземање одговорност и во парламентарната и во извршната власт, истакна Заев.

ДУИ испорача услов за идните коалициони партнери – сите судски предмети кои според интегративците се спорни и неправедни, да почнат од почеток.
Сметаат дека неколку случаи кои се во тек, го нарушија кредибилитетот на системот и спроведуваат селективна правда. Од партијата велат дека во следниот мандат ќе се спротивстават на судството во кое, според нив, состојбата е алармантна, а има и политичко влијание.

,,Повторно судење на транспарентен начин, меѓународно мониторирање и презумпција на невиност, се предуслови за враќање на довербата во судството во случаите како Монструм, Сопот, Алфа, Алмир, Саздо и многу други. ДУИ во овој мандат и објавува војна на селективната правда и корупцијата.

ДУИ бара спроведување на ветинг за политичари, судии и обвинители, преку предлог-законот кој е доставен до Собранието и ќе се најде пред пратениците од новиот парламентарен состав. Според нив, на тој начин ќе се исполнат задачите кои Европската Унија ги бара од земјава за владеење на правото и справување со организираниот криминал и корупцијата.

 

Слични содржини