Заев: Секој што го прекршил и секој што допрва ќе го прекрши законот ќе се соочи со одговорноста

од Stefanija Kuzmanovska

Ставивме уште еден темел на неселективна правда и на правосудство кое гарантира одговорност и казнивост за секој којшто го прекршил законот. Правда и борба против криминалот и корупцијата – за тоа се заложивме, тоа бараа македонските граѓани, за тоа се изборија две третини од пратениците во Собранието. Презедовме чекори кон силна и способна правна држава, доаѓа правда, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција по усвојувањето на Законот за јавно обвинителство.

„Денес огромното мнозинство во Парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Денес желбата за правда ја победи желбата за крадење пари. Со овој закон гарантирана е судската разрешница на сите започнати судски процеси и постапки иницирани од СЈО. Сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази кои беа обезбедени низ долги постапки за што основни индиции беа прислушуваните разговори, односно „бомбите“. Нема скриена амнестија за никого – ниту за стари, ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе се соочи со одговорноста. Секој што допрва ќе го прекрши законот ќе се соочи со одговорноста, рече Заев.

Тој истакна дека со овој закон се гарантира дека политичарите нема да бираат и именуваат обвинители, ниту да одлучуваат за иднината на предметите и дека сега е дојдено друго време, кога политичарите мора да бидат подалеку од правосудството.

„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ не се одважи и не гласаше за правна држава. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше ниту за европска иднина. Тие се единствените што се противеа на овој чекор кон правдата. Тоа јасно покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило. Белиот дворец преку раководството на ВМРО-ДПМНЕ се уште е заложник на осудениот криминалец Никола Груевски. Извршителот Мицкоски направи се да го спречи носењето на овој закон, да ги исполни желбите на неговиот шеф, да одбрани криминал. Не успеа, додаде лидерот на СДСМ.

Според Заев, овој чекор напред е јасен сигнал дека реформите не запираат, но сега, како што изјави тој, и ЕУ е на потег.

„Ние нашите ветувања ги исполнуваме, време е и ЕУ да го исполни своето ветување. Одлука за почеток на преговорите. Јас верувам дека С. Македонија и ЕУ се подготвени за следниот чекор, рече Заев.

 

 

Слични содржини