Заев-Сијарто: Помошта што ја добиваме од Унгарија го потврдува пријателството на нашите држави и народи

од Nikola Popovski
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со министерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто.
На средбата, на која се разговараше за повеќе актуелни теми, како и за мерките на Владите на Северна Македонија и Унгарија за заштита на здравјето на граѓаните и помош за економијата поради коронавирусот, претседателот Заев изрази голема благодарност кон народот и Владата на Унгарија за помошта и поддршката кои ги укажуваат во овие тешки моменти за сите нас, но и во сите овие години континуирано.
„Помошта што ја добиваме од Унгарија само го потврдува пријателството на нашите држави и народи“ порача претседателот Заев.
Во разговорот заеднички беше заклучено дека оваа посета на министерот Сијарто е охрабрување за сите успеси кои ги постигнавме во изминатите три години како што се членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ и беше изразено заедничко задоволство што дури три од шесте држави од Западен Балкан се веќе членки на НАТО. Тоа ја гарантира стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Претседателот Заев и Сирајто заеднички се согласија дека е многу важно што дури и во овие тешки моменти ЕУ смогна сили да ја донесе долгоочекуваната одлука за почеток на преговорите за членство со Република Северна Македонија и дека можеме да очекуваме преговорите и практично да започнат до крајот на јуни оваа година.
Заев и Сијарто го поздравија ангажманот на комесарот за проширување Оливер Вархеји кој успешно го започна својот мандат со нова методологија за преговори, позитивен извештај за напредокот на нашата држава и со позитивна одлука за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Двајцата соговорници се согласија дека двете држави како и досега ќе продолжат заедно да работат на справување со предизвиците поврзани со бегалците, а претседателот Заев упати посебна благодарност до министерот Сијарто за работата на унгарските полициски службеници на границата помеѓу Северна Македонија и Грција.

Слични содржини