Заев: Судиите се ослободени од политички влијанија и почнаа да испорачуваат правда

од Nikola Popovski

Премиерот Зоран Заев, на денешната прес-конференција, осврнувајќи се на важноста на спроведување на реформа во правосудниот систем во нашата држава потсети на „Акција 21 – Европски стандарди дома”, каде прва заложба на листата беше влегувањето во финалната фаза на суштинските реформи и ефикасното и објективно прочистување на судството и обвинителството.

„Целиот овој процес беше проследен со непринципиелна опструкција и битки со противниците на правдата. После повеќе од една деценија заробено судство и покрај сите опструкции на последните бранители на криминалот од најголемата опозициска партија ги донесовме системските закони во оваа област кои донесоа раздвижување во овој сектор. Како резултат на овие реформи, предметите за организиран криминал и висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за сериозни кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80-тина предмети, а десеттина судии се разрешени. Најзначајно е што овој процес е автономен и независен и си го водат судиите и тој веќе дава резултати. Процесите се почнати – нема назад”, нагласи премиерот Заев.

Реформите во судството како врвен приоритет на Владата ги даваат првите резултати. Судиите се ослободени од политички влијание и почнаа да испорачуваат правда. И тоа за случаите кои се синоним за криминал и корупција во нашата земја.

Како потврда за тоа се позитивните извештаи, како оној на американскиот Стејт департмент за состојбите со човековите права во кој е констатирано дека Владата покажала сериозна почит кон независноста на судството и непристрасност во споредба со претходните години, треба да ни бидат мотив и охрабрување да го продолжиме непоколебливо овој пат.

Премиерот Заев, ја потенцираше и важноста од дигитализацијата во целиот овој процес.

„Ги поставивме сите елементи за дигитализација во јавниот сектор, а сега следува спроведување на дигитализацијата во правосудството. Дигитализацијата на правосудството само дополнително ќе помогне да се забрза тој процес и да се сведе на минимум човечкото администрирање во судските процеси, а доминантни да бидат владеењето на правото и раздавањето на правдата. Тоа што го ветуваме го исполнуваме. Ветивме реформирано судство, зацврстување на правната држава и правда. Резултатите ги гледаме секојдневно”, заклучи премиерот Заев.

Слични содржини