Заев: Владата излезе во пресрет на барањата на бизнис-заедницата за намалување на драконските казни

од desk2

Претседателот на владата, Зоран Заев, се обрати за време на промоцијата на ТОП 100 најуспешни компании на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

На настанот беа доделени и награди за ТОП 5 најуспешните компании на Стопанската комора на Северозападна Македонија, меѓу кои три од најуспешните се производствени компании, кои учествуваат во вкупниот раст на индустриското производство.

„Околу 1.800 компании членки го препознаа големиот потенцијал на Стопанската комора на Северозападна Македонија да влијае и да дејствува во општеството во интерес на бизнис-заедницата за подобрување на условите за деловно работење, јакнење на приватниот сектор и раст на бизнисите.

Во процесот на креирање на економските политики на владата на Република Македонија Стопанската комора на Северозападна Македонија презема активна улога во рамките на јавно-приватниот дијалог којшто владата го отвори со стопанските комори за градење стабилна и плодна соработка со бизнис-секторот.

Во чест на плодната соработка владата излезе во пресрет и одговори на барањата на бизнис-заедницата за намалување на драконските ригорозни казни кои во минатото се злоупотребуваа за затворање и уништување на фирмите и уцени. Казните ќе бидат отсега натаму правични и сразмерни, ќе се направи градација помеѓу мали, средни и големи претпријатија, целта е да се поттикнат правичност и почитување на законите. Казните за малите и средни претпријатија ќе се намалат дури за 60%.

Малите фирми ќе плаќаат пониски казни во однос на поголемите компании. За фирмите, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, бројот на вработени и претходни санкционирања за исти или слични прекршоци.

За малите фирми според новиот закон минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната глоба ќе изнесува 2 000 евра. За споредба само, во стариот закон максималната глоба изнесуваше 5 000 евра – што значи глобите за малите фирми се намалуваат за 60 %“, изјави премиерот Заев во своето обраќање.

Слични содржини