Премиерот Зоран Заев за Еуроњуз вели дека не е можно да се раздвои патот за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија.
Брисел ги разгледуваше двете кандидатури паралелно, но минатата недела европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз изјави дека раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија „може да биде опција“ доколку Бугарија продолжи да се спротиставува на влезот на Северна Македонија во Унијата.
Еуроњуз, пренесувајќи ја изјавата на премерот Заев потсетува дека Бугарија бара Северна Македонија, која е потенцијален кандидат за членство во ЕУ од 2003 година, да го признае бугарското потекло на македонскиот јазик и нација.
-Нашиот идентитет – македонски јазик, македонски идентитет е нешто свето за нас, како и за секоја (друга) земја, потенцира Заев во изјавата дадена денеска претпладне по неговата средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Брисел.
-Не може да се преговара за нашиот македонски јазик и македонскиот идентитет, вели премиерот.
Заев рече дека договорот од Преспа, кој Грција и Северна Македонија го постигнаа во 2018 година за да се реши спорот околу името и да се олеснат разговорите за пристапување во ЕУ, е пример за подготвеност на неговата земја да се вклучи во дипломатијата.