Заев: За мене е успех ако ги победиме ДУИ и Алијанса во ИЕ 6, макар со еден пратеник повеќе

од Берта Китинска

Верувам дека во ИЕ6 ќе ги победиме ДУИ и Алијансата со еден пратеник повеќе, вели лидерот на СДСМ и коалицијата „Можеме“, Зоран Заев при денешното гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Според него, долгото седење во власта на ДУИ, резултирало со статус на богови во одредени сегменти.

„За мене е успех ако ги победиме ДУИ и Алијанса во ИЕ 6, макар со еден пратеник повеќе. Ние ќе имаме 6 или 7 пратеници, а тие ќе имаат пет. Ние имаме граѓански гласови, а тие калкулираат само со албанските. ВМРО-ДПМНЕ пак се осврнува на Македонците. Нема што да бараат повеќе од два. Македонија е мултиетничка држава, ние сме со граѓаните, не со етникумите. Се додека сме насочени кон овој проект, ние ќе победуваме“, рече Заев.

Тој најави промени во кадровскиот потенцијал, а во домашниот фокус, очекува во наредните четири години економијата да се најде на врвот.

„Големите прашања и дома и надвор завршија. Со соседите сме пријатели, очекуваме само помош и поддршка, а доминантно сега, во наредните четири години ќе се кршат копјата на домашен план, да се види кој го бива а кој не. Нема веќе Грција, Албанци-Македонци, туку ќе ја креваме економијата. Големи одлуки донесовме, имавме ставови, знаевме да се корегираме, сега овие наредни четири години ќе бидат предизвик за кој верувам дека можеме да бидеме супер земја, која ќе има голем економски стандард. Имаме свои ресурси, работлив народ и потенцијали. Имаме пријатели пред нас и верувам во заеднички успех“, порача Заев.

Осврнувајќи се на делот со предизборната кампања, посочи дека ја очекувал црната кампања, но не до толкава мера, бидејќи истражувањата покажувале дека граѓанинот бара визија и понуда, а не негативна кампања.

„Очекував дека ќе има дел црна кампања знаејќи ја матрицата на опонентот, но не до толку. Секое истражување покажува дека луѓето не сакаат црна кампања, сакаат понуда и визија. Постојанотот занимавање само со Зоран Заев кажува дека немаат доволно понуда, но тоа не може да се спречи. Верувам само ќе им одземе гласови на нашите опоненти, а не дека ќе им донесе нешто“, изјави Заев.

 

Слични содржини