Заев за објавениот разговор: ДУИ не вреди пет пари, на 27 април со сопствен живот го бранев животот на Џафери

од Nikola Popovski

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска се огласи на својот Фејсбук профил во врска со аудио материјалите објавени денеска на Јутјуб.

„ДУИ не вредат пет пари на пазарот на гласови. Тоа е мојот став денес, беше мој став и тогаш, во времето кога е снимен разговорот објавен денеска. Имаа 20 пратеници, се преполовија на 10, на овие избори ќе имаат уште помалку“, напиша Заев.

Тој дополнува дека и покрај тоа што ДУИ не вреди пет пари, на 27 април 2017 година со сопствен живот го бранел животот на Талат Џафери.

„Јас сум ја покажал и докажал мојата љубов и почит кон Албанците на дело. Не само со зборови туку и на дело. Го донесовме Законот за јазици, се грижиме за сите заедници, прв сум ги повикал Македонците да гласаат за Албанци и Албанците за Македонци, прв сум ја отворил партијата за Албанци високи функционери, прв направив предизборна коалиција со албанска партија и лично и фамилијарно сум поврзан со Албанците, кум сум на Мухамед Зекири и тоа ми е големо задоволство. Целата јавност слушна дека јас не го изговарам никаде тој збор што е навредлив за моите сограѓани Албанци, туку тоа го прави соговорникот во снимениот разговор“, вели Заев.

Според него, ваквите ниски и очајни обиди само го охрабруваат уште посилно да дејствува за концептот едно општество за сите, чиј предводник е.

„Ќе продолжам тоа да го правам и понатаму, со достојна почит кон сите мои сограѓани од сите етнички заедници. Објавата на оваа срамна манипулација уште еднаш докажува дека глас за ДУИ е глас за Мицкоски и Груевски“, соопшти Заев на Фејсбук.

Слични содржини