Заев заедно со Ковачевски пристигна на средбата со Алтернатива

од Берта Китинска

Предмалку во Клубот на пратеници пристигна премиерот Зоран Заев во придружба на актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски каде треба да се одржи третата средба со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Гаши, прв дојде на лидерската средба, но не откри детали за тоа што ќе се разговара денеска.

На оваа средба според најавите ќе треба да се договараат детали за можен влез на партијата во Владата и за обнова и зголемување на парламентарното мнозинство на оваа власт.

Ковачевски, кој денеска и официјално ја поднесе кандидатурата за лидер на СДСМ, а се споменува како најсериозен кандидат за иден мандатар за формирање Влада, верува дека Алтернатива ќе влезе во владината коалиција и власта ќе си обезбеди стабилно мнозинство во парламентот.

„Јас важам за оптимист, меѓутоа за рационален оптимист, верувам во решение и работам тоа да се оствари. Длабоко верувам и посакувам Алтернатива да стане дел од владиното мнозинство бидејќи тоа ќе обезбеди стабилна Влада која ќе може да ги реши големите проблеми кои ги имаме пред нас, како и голем број други земји. Ние се наоѓаме во пандемија во која се појавуваат нови типови на вирусот, има европска енергетска криза која и нас не нè одминува и секако дека имаме предизвици и работиме на задржување на животниот стандард на граѓаните. За тоа ни треба стабилна Влада која ќе може да ги носи законите кои ни се потребни и затоа верувам и се надевам дека Алтернатива ќе донесе позитивна одлука која на крај ќе зависи од нивните партиски органи“,изјави Ковачевски по поднесувањето на кандидатурата.

 

Слични содржини