Загадувањето зема замав: Маски низ скопските улици се носеа и пред пандемијата

од Берта Китинска

Граѓаните се гушат во чад и смог.

Мерните станици покажаа високо ниво на загадување во Скопје, Куманово, Кавадрци, Велес… Најмногу загадено е во скопската населба Лисиче каде беа измерени 269 микрограми ПМ 10. Оние што се свесни што сè дишеме секоја година, ќе носат маски и без тие да се задолжителни.

Дефинитивно и индустријата е голема причина за загадувањето во Македонија, вели министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој во „10 минути“ на ТВ21 зборуваше за главните причини за загаденост во воздухот.

Тој вели дека помеѓу 16 и 17 попладне, и до 22, 23 и 24 во текот на ноќта драматично се зголемува загадувањето на воздухот.

-Причината за ова е што граѓаните се враќаат дома и го вклучуваат греењето, но тоа не се само домовите на луѓето, туку и други објекти во државата, а потоа имаме и воздушен притисок. Значи, една од причините, за жал, е греењето во нашите објекти и домови. Друга причина дефинитивно е индустријата што треба да се контролира, и можеби треба да има поригорозни контроли во иднина, посочи Нуредини.

Тој додава дека како трет главен загадувач на воздухот се и постарите автомобили.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, смета дека не станува збор за загадување, туку за магла. Тој изрази загриженост поради загадувањето, но не спомна никаква мерка или план за да се избегне истото.

Истражувањата досега покажаа дека загадувањето на воздухот со честички од ситна прашина, која се создава при испуштањето издувни гасови, влијае врз должината на животот на луѓето. Сега, новата студија, изработена од германски и кипарски научници, доаѓа до заклучок дека емисиите на издувни гасови влијаат и врз стапката на смртност од коронавирус.

Повеќе од 1,1 милиони смртни случаи

Повеќе од една четвртина од смртните случаи поврзани со коронавирусот во Азија може да бидат поврзани со загадувањето на воздухот, проценуваат истражувачите, во споредба со 19 проценти во Европа и 17 проценти во Северна Америка.

Според официјалните податоци на Универзитетот Џон Хопкинс, повеќе од 1,1 милиони луѓе ширум светот починале откако биле заразени со Ковид-19.

Вториот бран на инфекции ја зафаќа Европа, при што некои земји бележат нови дневни црни рекорди, иако хоспитализациите и смртните случаи се зголемуваа побавно отколку за време на првиот бран на пандемијата од март до мај.

Слични содржини