Захариева: Имаме ли гаранции дека антибугарската кампања во Скопје ќе престане?

од Nikola Popovski

Целта на утрешната посета на Силва и Вархеји е јасна – претседателот Радев и неговата влада да ја одобрат преговарачката рамка со Република Северна Македонија за да може земјата да ја одржи својата прва меѓувладина конференција и всушност да ги започне вистинските преговори за членство во ЕУ, смета поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Таа на Фејсбук напиша дека обидот за компромисен предлог сега е јавна тајна во Брисел и слободно циркулира во коридорите на Комисијата и Советот, како и во европските главни градови.

„За жал, предлогот повторно не се усогласува со рамковната позиција на Бугарија усвоена од владата и одобрена едногласно од Парламентот, бидејќи не добиваме никакви гаранции дека нашите соседи ќе ги прифатат европските вредности. Имаме ли гаранции дека антибугарската кампања ќе престане во Скопје? Дали РСМ веќе нема да ги гонат своите граѓани со бугарска самосвест? Дали нема да ги спречат бугарските книги на граница? Дека нема да се мешаат во бугарските инвеститори? Дали ќе емитуваат бугарска телевизија? Дали ќе ја стопираат црната ПР кампања против Бугарија низ цела Европа? Не ги видов тие гаранции“, потенцира Захариева и додава:

„Го признаваме правото на самоопределување на граѓаните на РСМ и нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат, но соодветно е тие да го признаат нашето заедничко минато. Само вака можеме да продолжиме заедно напред“, смета поранешната министерка.

Еврокомесарот Вархеји и шефот на португалската дипломатија утре патуваат прво за Софија, а потоа пристигнуваат и во Скопје, со решение како да се тргне бугарското вето и Македонија да добие датум за првата меѓувладина конференција на европскиот самит закажан на 22 јуни. Во Скопје средбите ќе бидат со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Османи и вицепремиерот за европски прашања, Димитров.

Слични содржини