Захариева: Односите меѓу Бугарија и Македонија треба да бидат како оние што ги имаат Шпанија и земјите од Латинска Америка

од Nikola Popovski

Во интервју за шпанската агенција ЕФЕ, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева вели дека Бугарија го блокирала почетокот на преговорите на С. Македонија со ЕУ сè додека земјата не го напушти јазикот на омраза кон сè што е бугарско.

Според неа, односите помеѓу двете земји треба да бидат како односите што денес ги имаат Шпанија и земјите од Латинска Америка.

„Во таа насока посочува дека исто како што Шпанија е најголем поддржувач на тоа ЕУ да биде поблиска до земјите од Латинска Америка, така Бугарија е првата земја што ја признала независноста на Македонија во 1991 г., а во 2018 г. ја ставила на дневен ред во ЕУ, европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Проблемот со историјата е дека погрешните и лажни толкувања на настаните, луѓето и настаните имаат директно влијание врз тековните настани и ова создава говор на омраза и негативна кампања против Бугарија и Бугарите, нешто што за нас е апсолутно неприфатливо“, објаснила Захариева.

Вицепремиерката исто така ја обвинила македонската политичка елита дека ги потрошила последните 30 години од нивната независност од Југославија „за да го стимулира и толерира овој говор на омраза“, нешто што на крајот ги погодило обичните луѓе во земјата.

„Бугарија никогаш не го негирала правото на постоење на македонската држава, нејзиниот суверенитет и желбата да го нарекуваат нивниот јазик како што сакаат. Но, сето ова не треба да биде на штета на лагите и негирањето на начинот на создавање на нацијата“, нагласила таа.

Министерката изјавила дека нашите учебници „учат со омраза и во нив пишува дека сите Бугари се фашисти“, во врска со фактот дека Бугарија била сојузник на нацистичка Германија, окупирајќи ја Македонија за време на Втората светска војна.

„Земам пример за Латинска Америка: фактот дека Аргентинците и Чилеанците зборуваат шпански не ги прави помалку Аргентинци и Чилеанци. Фактот дека тие имаат заедничка историја во еден момент не го намалува нивниот суверенитет денес. Напротив, ги приближува“, споредува Захариева.

Таа во интервјуто уште еднаш ја критикува нашата земја дека престанала да го спроведува Договорот за добрососедство и пријателство и тоа што работата на историската комисија заглавила околу прашањата за борбата против османлиската окупација на крајот од 19. век.

Слични содржини