Захарова: Европските надежи се урнаа како Берлинскиот ѕид

од Aleksandar Petrovski

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова оцени дека денес се урнати надежите на европските држави дека ќе создадат обединета и просперитетна Европа, без линии на разграничување, кои се родија по падот на Берлинскиот ѕид.

– Поради падот на Берлинскиот ѕид, многумина се радуваа на мирна, просперитетна и обединета Европа, без линии на разграничување. За жал, таквите очекувања пропаднаа. Тие надежи се урнаа како Берлинскиот ѕид, изјави денеска Захарова на прес-конференција во Москва.

Според неа, мирот и безбедноста во Европа треба да бидат универзални и неделливи.

Таа рече дека Русија во својата надворешна политика секогаш ги почитувала и ќе ги почитува тие принципи и оти од партнерите очекува да се „најдат на половина пат“.

Утре се одбележуваат 30 години од падот на Берлинскиот ѕид – еден од симболите на Студената војна. Ѕидот е изграден во 1961 година поради масовното преминување на луѓето од Источна во Западна Германија. Според одредени податоци, до почетокот на 60-те години на Запад пребегнале околу 1,6 милиони луѓе.

Слични содржини