Захарова: Киев користи забрането оружје во Донбас

од Stefanija Kuzmanovska

Киев користи оружје во Донбас што е забрането со договорите од Минск, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

„Вооружените сили на Украина не го намалуваат интензитетот на оган врз цивилните населби, вклучително и предградијата на Доњецк. Тие активно користат оружје забрането со Договорите од Минск, вклучувајќи минофрлачи и артилерија од голем калибар. Киев продолжува да носи техника и сили во регионот“, рече Захарова, изразувајќи загриженост од најавата за „големи антитерористички вежби“ во Украина.

Како што рече таа, под тој изговор Киев го започнал конфликтот во Донбас. Москва го повикува Киев „веднаш да ја запре воената ескалација во Донбас“, посочи таа.

Според неа, со нагласување на „руската закана“, Киев се обидува да го сврти вниманието од внатрешните проблеми, како и да ги оправда апсолутно агресивните милитаристички планови, поради што спроведува активна кампања за дезинформации.

Захарова потсети дека Украина стана активна по прашањето за влез во НАТО, и во контекст на претстојниот самит на Алијансата.

„Украина смета дека на тој самит ќе добие Акционен план за членство во НАТО. Не сите членки на Алијансата воопшто го поддржуваат тоа од повеќе причини“, истакна таа.

„Целата ескалација е насочена кон тоа, а сегашното влошување на тензиите на контактната линија во Донбас се случува со цел да се реализира Акцискиот план за членство“, истакна Захарова.

Според неа, со цел да му угоди на Западот, режимот во Киев ги раскинува односите со најблиските соседи – Русија, Белорусија и се откажува од договорите во рамките на Комонвелтот на независни држави, од кои има корист.

Портпаролката потсети на зборовите на украинскиот лидер Владимир Зеленски дека членството во НАТО е начин да се стави крај на војната во источна Украина.

Сепак, Захарова не се согласи и посочи дека начинот на завршување на војната во Украина е „спроведување на договорите од Минск, консолидација на општеството и искоренување на националистичката идеологија“.

Захарова посочи дека повикувајќи на прекин на дипломатските односи со Русија и распоредување на нуклеарно оружје во земјата, Киев се обидува да го спаси континуираниот пад на рејтингот на Зеленски.

Да потсетиме, тензиите почнаа да се зголемуваат во Донбас од крајот на февруари: ОБСЕ известува за значително зголемување на бројот на кршење на прекинот на огнот, а бунтовниците наведуваат дека вооружените сили на Украина користат артилерија при гранатирање.

Слични содржини