Захарова за смртта на Дугина: Ако е вмешан Киев, тоа е државен тероризам

од Берта Китинска

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, денеска по повод смртта на руската новинарка и политиколог Дарија Дугина изјави дека доколку надлежните органи ја потврдат украинската трага во нејзиното убиство, тогаш постои политика на државниот тероризам што го спроведува Киев.

– Руските власти ја истражуваат смртта на Дугина. Доколку се потврди украинската трага, а оваа верзија ја претстави лидерот на ДНР, Денис Пушилин, и мора да биде проверена од надлежните органи, тогаш тоа е политика на државен тероризам што ја спроведува киевскиот режим – напиша Захарова на Телеграм.

Рускиот истражен комитет соопшти дека податоците добиени во истрагата покажуваат дека злосторството во кое загина Дарја Дугина било претходно планирано и нарачано, пренесе РИА Новости.

Утврдено е дека експлозивната направа била поставена под возачкото седиште.

„Дарја Дугина која била зад воланот починала на лице место“, се наведува во соопштението.

Во моментов, истражителите, со учество на експерти од Главната управа за судска медицина на Рускиот истражен комитет, продолжуваат да го истражуваат местото на убиството.

Дугина е ќерка на влијателниот руски филозоф Александар Дугин, кого прозападните медиуми го нарекуваат „мозокот на Путин“, а во моментот на смртта била во автомобилот на нејзиниот татко.

Слични содржини