Зајкова: ЛДП не е моја или на Милевски, сериозни се наводите дека е злоупотребена функцијата за вработувања

од Vladimir Zorba

Роднини, партиски истомисленици, пријатели, баџанак… ова е само дел од лицата кои во својот три годишен мандат на државни позиции ги вработил министерот за локална самоуправа и лидер на ЛДП, Горан Милевски, барем сппоред одатоците од истражувањето на порталот „А1он“.

Сето ова го отвори прашањето дали во Либералната пратија се разговара за вработувањата како и за нивната легалност.

Потпретедателка на партијата и пратеничка, Моника Зајкова во разговор за „Локално“, вели дека овие случувања се показател дека е неопходна подобра комуникација во партијата.

-Во рамки на партијата никогаш не сме дискутирале по однос на ангажмани на лица и слично. Ова е показател дека е неопходна комуникација подобра и се надевам дека ова прашање ќе го продискутираме најпрво во телата на партијата за да ја утврдиме фактичката ситуација, за потоа да може да дадеме конкретни изјави. Јас како потпретедателка на партијата цврсто го застапувам принципот да бидат ангажирани стручни, квалитетни, одговорни и отчетни кадри за кои ќе бидеме сигурни дека ќе дадат значаен придонес во развојот и напредокот на нашата држава, смета пратеничката.

Таа потенцира дека за ЛДП, како и за граѓаните, „секогаш била важна транспарентноста“.

-Се надевам дека во најкус можен рок ќе биде свикана седница на извршниот или централниот одбор на партијата со цел да го дискутираме ова прашање. За ЛДП, но и за граѓаните, секогаш била важна транспарентноста, вели таа.

На прашањето дали постојат несогласувања во ЛДП во врска со одлуките претседателот и дали по објавеното истражувањето можеби партијата ќе разговара за промени во врвот на раководството, Зајкова децидно вели дека е потребен разговор за да се расчистат работите додавајќи дека „сепак сериозни се наводите дека е злоупотребена функцијата за вработувања“

-Како дел од раководството на ЛДП, важно е сите да сме информирани за она што се случува. ЛДП не е на Горан Милевски или пак моја или на било кој друг нејзин член поединечно. Таа е заедничка на сите оние кои пристапиле, а ја негуваат либералната идеологија. Секогаш во партијата се негувал тимскиот дух и покрај различните мислења и ставови се градел единствен партиски став. Партијата има членови, органи и тела кои функционираат и нормално е кога работите во тим да има и несогласувања по однос на одредени прашања. Сепак сме ние партија со висок демократски дух. Важно е да сме искрени како пред нашето членство, така и пред нашите гласачи. Да се сослушаме, да ги расчистиме работите бидејќи сепак сериозни се наводите дека е злоупотребена функцијата за вработувања, а откако ќе се утврди реалната состојба ќе можеме да дискутираме како понатаму, објаснува пратеничката.

По однос на тоа дали има кандидат кој ќе ја води партијата во иднина, Зајкова вели дека телата и органите на ЛДП ќе одлучуваат, односно „членовите кои се делегати согласно сопственото мислење и убедување“.

Б.М.

Слични содржини