Зајкова: Опозицијата не ја научи лекцијата од минатото и не може да излезе од политиката на поделби и напади

од Vladimir Zorba

Во нашата политичка историја некогаш сме чекале времето да ги реши нашите проблеми, а плодовите да дојдат сами по себе, а некогаш па сме се тркале со времето очекувајќи дека во пет до 12 ќе се случи некој магичен пресврт, времето, чекајќи го или трчајќи по него, не прегази, истакна пратеничката и потпретседателка на ЛДП Моника Зајкова на денешното обраќање во собранието.

– Немаме ниту една минута, да се однесуваме неодговорно и теснопартиски, наместо државнички. Ова го потенцирам бидејќи досегашните дискусии на колегите пратеници од опозицијата, без токму такви –теснопартиски – чиста загуба на времето кое го немаме на претек. Изборот на оваа Влада го правиме во едно тешко време кога се соочуваме со здравствена, економска и енергетска криза што го зафати целиот свет, вклучително и нашата држава. Овие предизвици со кои се соочуваме и прашањата кои треба да ги решаваме го обврзуваат идниот премиер и министрите да работат двојно повеќе, да бидат двојно поодговорни и поефикасни бидејќи граѓаните тоа од нас го бараат, додаде таа.

Зајкова потенцираше дека граѓаните бараат одговорност и резултати од сите. Од власта, но и од опозицијата. И од Владата, и од сите пратеници.

– За жал и оваа денешна седница покажа дека опозицијата не ја научила лекцијата од минатото и не може да излезе од шините на тесноградната партиската политика на поделби и напади, а без решенија и предлози. Јас сум задоволна што денеска, како предлог имаме амбициозна Програма, која ги детектира слабите точки, гарантира економски раст, напредок и развој на државата, грижа за сите, продолжување на европската интеграција, рече Зајкова.

Таа додаде дека Либерално-демократкската партија особено е задоволна во владината програма значајно место имаат голем дел од либералните заложби, кои ќе обезбедат подобар живот на граѓаните и развој во попрогресивно општество.

-Ќе потенцирам само неколку од нив како: унапредување на демократијата, слободата и човековите права, младите во фокусот, регулација на криптосредствата, продолжување на процесот на децентрализација, декриминализација на канабисот, енергетска транзиција, измени на Изборниот законик итн, рече Зајкова.

Според неа една од најзначајните политики е онаа за младите од Програмата на Владата, бидејќи истите се најмалку предмет на дискусија, а она што не засега сите младите да ги задржиме тука да ја градат сопствената иднина и перспектива.

– Јасно преземената обврска дека оваа Владата ќе биде партнер на младите, ќе ги слуша нивните идеи, ќе реагира на нивните потреби ми дава надеж. Но, оваа надеж, односно верба не се бланко поддршка. Како пратеничка не само што внимателно ќе ја следам реализацијата и ефикасноста на мерките за младите, туку и ќе предлагам мерки, ќе ги пренесувам ставовите и потребите на младите и ќе барам конкретна акција, рече таа.

Зајкова потсети дека како земја имаме значаен пад на стапката на младинска невработеност, во 2016 година изнесуваше 41,4 проценти, во 2021 година, во третиот квартал е 25,5 проценти. Во третиот квартал во 2020 година истата била 31,2 проценти. Значи за една година имаме намалување од 6,6 процентни поени.

– Ова укажува дека досегашните мерки даваат резултати. Дали е тоа доволно? Секако дека не е. Дали може повеќе? Секако дека може. И тука ја барам и очекувам ефикасноста на идната Влада, додаде таа.

Според Зајкова приоритет е и здравата животна средина како и унапредување на човековите права и демократија се исто така клучни области.

– Иако во Владината програма стои само измени на Изборниот законик јас верувам дека оваа Влада уште од првиот ден ќе работи на изборниот модел за една изборна единица кој и тоа како значи унапредување на демократијата, подобро претставување на волјата на граѓаните, поефикасна контрола на власта. Затоа очекувам дека за носење на истите, ќе ја имаме и поддршката на опозицијата, за тие да бидат побрзи и целосно да се имплементираат. Ниту еден партиски интерес или партиска задача не е поважна од иднината на мојата и на другите генерации млади луѓе, односно од интересот на граѓаните во оваа држава, рече Зајкова.

Таа е задоволна што во Програмата на Владата има конкретни мерки, кои гарантираат подобро утре буквално за секоја категорија граѓани, млади, спортисти, доктори, земјоделци, жени, за социјално загрозените…

– Ако сакаме да имаме праведна држава и реална борба со корупцијата мора да воспоставиме мерит систем со индивидуална одговорност, бидејќи само така ќе ја вратиме и довербата во институциите. Од тие причини целосно ја поддржувам одлучноста на идниот владин тим антикорупцијата, редот, дисциплината и владеењето на правото да останат оска и основа на политиките на оваа Влада. Сите сме еднакви пред законот и одговорност и отчетност мора да има за сите, додаде Зајкова.

За Зајкова како либералдемократ е важно да создадеме еднакво општество во кое постои одговорност, нулта дискриминација, општество ослободено од предрасуди, од каква била стигматизација.

– Нашите граѓани заслужуваат да живеат во модерна држава според европски стандарди. Континуитетот што оваа Влада го има и одлучноста за работа, ми дава гаранција дека мојата и идните генерации ќе живеат во едно прогресивно, праведно, демократско и економски силно општество. Да изградиме општество со кое ќе се гордееме сите ние, не како политичари туку како граѓани на оваа држава, потенцираше Зајкова.

Слични содржини