Зајкова: Во 21 век незамисливо е што сè уште сведочиме на дискриминации поради сексуалната определба

од Nikola Popovski

Ќе ги повикам моите колеги во Собранието да се одважат, да го ставиме на дневен ред Законот за матична евиденција со којшто ќе ги регулираме назнаките на трансродовите лица. Но, и да одиме чекор понатаму и да размислуваме за давање исти права и на оние коишто живеат во истополови партнерства, рече пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова за време на Парадата на гордоста што по третпат се одржа во Скопје.

– Мене ми е драго што толку луѓе даваме поддршка за достоинството, правдата и еднаквост затоа што и самиот Устав не дефинира како еднакви граѓани на оваа земја. Во 21 век незамисливо е што сеуште сведочиме на дискриминации само затоа што некој го живее животот според сопствената определба. За споредба, тоа е како да утре мене некој ме дискриминира затоа што сум се родила со кафени очи, а не со зелени, рече таа.

Според Зајкова ова не е само протест за дискриминацијата и стигмата туку порака да ги разбуди сите за да разберат дека ЛГБТ заедницата има право на јавниот простор како и сите луѓе. Како Влада направиле чекор напред со Законот за спречување и заштита од дискриминација и формиравме независна комисија но потребни се уште залагања. Таа додаде дека животот не го гледа меѓу четири ѕида туку секој отворено да шета со својата партнерка или партнер како и сите останати.

– Тука сме за сите наши блиски и далечни, за сите наши познати и непознати, коишто биле избркани од дома зашто се геј, коишто биле избркани од работа зашто се ‘транс’, и коишто физички и психички се малтретирани, зашто не влегуваат во тесните рамки на она што некој го нарекува нормално. Сепак на крајот од денот сите ние сме луѓе кажа и плаќаме еднакво даноци, имаме еднакви обврски, ред е и да уживаме еднакви права, рече Ева Цветковска од Универзитетското студентско собрание.

Годинашниот собир се одржа под мотото „Излези за љубов, достоинство, еднаквост, правда”, а учествуваа неколку илјади припадници на ЛГБТИ заедницата и бројни нивни поддржувачи.

Поддршка на парадата и годинава дадоа претставници од Владата, меѓу кои и вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјала, Јованка Тренчевска, како и пратенички од актуелниот собраниски состав.

Меѓу бројните поддржувачи беа и претставници од странските амбасади и дипломатски мисии во земјава. Парадата почна од паркот „Жена борец”, по што поворката продолжи низ центарот на Скопје и покрај Владата, а крајната дестинација беше стадионот на АРМ во Градскиот парк. Беше видливо и засилено полициско обезбедување покрај поворката.

Слични содржини