Зајкова за референдумот: Навистина не знам во оваа фаза од процесот за што би се изјаснувале дали сме „за“ или „против“

од Vladimir Zorba

Самата опозиција која го иницира референдумот не знае кое би било референдумското прашање и за што би требало во оваа фаза да се изјаснат граѓаните. Дали се за нова преговарачка рамка – кога веќе оваа сме ја прифатиле и за која Парламентот без ниту еден глас против утврдил заклучоци со црвените линии? Дали се против Протоколот – кој веќе министерствата на двете држави го потпишаа?!? Дали се против прекинување на разговорите со ЕУ и блокада на европската интеграција?! Навистина не знам во оваа фаза од процесот за што би се изјаснувале дали сме за или против. Што би прифаќале или одбивале, вели Моника Зајкова од ЛДП во краток разговор со „Локално“ по повод најавата на опозицијата дека ќе собира потписи за референдум во однос на преговарачката рамка со ЕУ за почеток на преговорите.

Партиските тела и органи на Либерално демократската партија (ЛДП), вели, се уште не ја разгледувале идејата за организирање на рефендум и не дискутирале ниту донеле одлука по однос на тоа дали истата ќе ја поддржат или не.

-Лично не гледам логика во организирање на рефендум откако процесот во ЕУ започна. Преговарачката рамка е прифатена, македонскиот јазик во ЕУ ќе се употребува без било какви додавки и објаснувања, а Уставот не би се менувал затоа што во него не внесуваме нови членови, но би се дополнил наведувајќи ги поединечно и другите национални малцинства кои живеаат на територија на Македонија, како што се Бугарите, а ние како ЛДП би поднеле уставен амандман со кои би се дополниле и други националности кои живеат во Република Северна Македонија, истакнува таа.

Дали доколку Владата одлучи да организира референдум и граѓаните се изјаснат против преговарачката рамка со ЕУ, би се почитувала волјата на граѓаните, доколку секако би имало цензус?

-Република Северна Македонија има преговарачка рамка со чист македонски јазик, каде што е утврдено дека македонскиот јазик во ЕУ ќе се употребува без какви било додавки и објаснувања и дека историските прашања не се дел од преговорите. Воедно се одржа и првата меѓувладина политичка конференција која означи започнување на процесот на скрининг со дефинирани рокови.

Оттука не гледам потреба зашто Владата би организирала референдум за процес кој веќе е започнат и треба да води грижа ефикасно и брзо да го заврши, а уште поголема дилема отвара за кое прашање би се изјаснувале референдумски граѓаните. Самата опозиција која го иницира референдумот не знае кое би било референдумското прашање и за што би требало во оваа фаза да се изјаснат граѓаните. Дали се за нова преговарачка рамка – кога веќе оваа сме ја прифатиле и за која Парламентот без ниту еден глас против утврдил заклучоци со црвените линии? Дали се против Протоколот – кој веќе министерствата на двете држави го потпишаа?!? Дали се против прекинување на разговорите со ЕУ и блокада на европската интеграција?! Навистина не знам во оваа фаза од процесот за што би се изјаснувале дали сме за или против. Што би прифаќале или одбивале.

Организирањето на референдум не е ниту едноставна ниту евтина работа, а истото да се прави само за некој да има политички адут пред граѓаните, искористувајќи го нивниот глас, за прикривање на своите политички одлуки, сметам дека во моментот не е потребно, ниту е коректно, а неуспешноста или успешноста доколку истиот би се организирал може да предизвика големи поделби меѓу граѓаните, како и последици по однос на државата и нејзината евроинтеграција.

Доколку вашата партија е за референдум, како би требало да изгледа прашањето? Дали има простор за манипулација на граѓаните?

-Партиските тела и органи на Либерално демократската партија (ЛДП) се уште не ја разгледувале идејата за организирање на рефендум и не дискутирале ниту донеле одлука по однос на тоа дали истата ќе ја поддржат или не. Лично не гледам логика во организирање на рефендум откако процесот во ЕУ започна. Преговарачката рамка е прифатена, македонскиот јазик во ЕУ ќе се употребува без било какви додавки и објаснувања, а Уставот не би се менувал затоа што во него не внесуваме нови членови, но би се дополнил наведувајќи ги поединечно и другите национални малцинства кои живеаат на територија на Македонија, како што се Бугарите, а ние како ЛДП би поднеле уставен амандман со кои би се дополниле и други националности кои живеат во Република Северна Македонија.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ има полно демократско право да поднесе иницијатива за рефендум и оправданоста на истата би ја разгледувало Собранието. Но сметам дека доволно се манипулираше јавноста и се создаваа тензии и поделби на граѓаните на “патриоти“ и “предавници“. Секоја натамошна манипулација за собирање на ситни политички поени како што напоменав би носела поголеми поделби и последици за државата. Државата сеуште не излегла од економска, енергетска па и епидемиолошка криза. Должност како избраници на народот, па и како политичари ни е да им обезбедиме на граѓаните услови за полесно надминување на кризата и подобар животен стандард, да создадеме можности, прогрес, а не да ги делиме и да создаваме конфликти. Сепак ова се мои лични размислувања, а во рамки на партијата можеби ќе има и други идеи па ќе излеземе со конечен партиски став.

За очекување ли е ист резултат како со референдумот со Преспанскиот договор, односно да нема доволна излезеност на граѓаните?

-Референдумот за Преспанскиот договор беше консултативен, а не облигаторен. Затоа и резултатот кој се доби од истиот оставаше простор некои да го толкуваат како успех, а други како пропаднат рефендум бидејќи на истиот нема доволен процент на излезеност. Бидејќи не гледам оправданост во организирањето на референдум немам очекувања по однос на истиот. Само би потсетила дека најголемата опозициска партија немаше јасен став по однос на тој референдум односно прво соопшти дека ќе остави да се изјаснат граѓаните односно нивното членство според лично убедување, а потоа се мобилизираше на бојкот.

Но сведоци бевме како со текот на времето почна да ретерира по однос на Преспанскиот договор и да зборува дека истиот е реалност и дека нема да превземат чекори за негово поништување. Доколку и сега ја продолжат намерата за референдум да не сведочиме после неколку години повторно на реторика за нова реалност, продолжување на процесот односно не превземање акции за менување на Преговарачката рамка или поништување на Договорот за добрососедство и Протоколите преку криење под капата на почнатиот процес на евроинтегрирање.

Би го повикале ли вашете гласачко тело да излезе и да гласа на евентуален референдум?

-Веќе напоменав дека Либерално демократската партија не донела одлука на своите органи по однос на ова прашање, па оттука не може да прејудицираме како би постапиле кон гласачкото тело. Сепак сме ние партија со голем демократски капацитет каде секој член, симпатизер или поддржувач може да го искаже своето мислење, па и да донесе одлука и постапи според сопствено убедување. Иако лично повторно ќе потенциран лично (ова не е изграден став на партијата) сметам дека сите сили треба да ги насочиме кон побрзо и успешно завршување на скрининг процесот, отварање и најважно затворање на поглавјата, а не на организирање на референдум кој би служел единствено за трошење пари од државната каса, поделби на народот, задоволување на партиски цели, криење зад граѓаните и враќање на државата чекори назад.

Политиката со себе носи одговорност за носење одлуки кои се насочени кон тоа да обезбедат напредок и прогрес за државата и народот. Доста тапкавме во место седејќи во чекалната, да ја искористиме приликата да ја направиме Република Северна Македонија модерна, просперитетна, прогресивна европска држава со зацврстен национален идентитет и македонски јазик кој се зборува во ЕУ.

Б.М.

Слични содржини