Зајкова: Затворањето на вратите во Собранието не се случува прв пат, однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ наликува на театар

од Берта Китинска

Претседателот на Собранието, како претседавач на пленарните седници не го прекрши Деловникот на Собранието на Република Македонија и затоа нема да ја поддржам ваквата интерпелација, вели во разговор за „Локално“, пратеничката Моника Зајкова од ЛДП во врска со „драмата“ во Собранието која се случи во средата кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Талат Џафери дека ги заклучил вратите од собраниската сала.

Пратеничката појаснува дека вратите на салата биле затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници и дека овој метод , не е нешто што се случило прв пат и дека тоа се јавува и во другите парламентарни демократии.

-Она што се прави во Собранието од страна на колегите пратеници од опозицијата малку наликува на театар заради привлекување на внимание.Имено, според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број пратеници, така што се потребни мнозинство гласови од присутните пратеници, односно најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.Во таа насока, вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање бидејќи во салата со куполи нема соодветна опрема за да се утврди истото со сигурност.

Понтаму, затворањето на вратите не е нешто што се случило прв пат и тоа се јавува и во другите парламентарни демократии. Во Британскиот парламент вратите се затвораат за секое гласање на пратениците, подвелкува Зајкова.

Таа истакнува дека во услови на криза има многу поважни работи со кои треба да се занимава Законодавниот дом, наместо со интерпелации.

-Во вакви услови на криза со која се соочува цел свет, а неминовно е погодена и нашата земја треба да се носат мудри одлуки, а не времето да се троши на дневна политика.Ние како пратеници сме тука да го застапуваме интересот на граѓаните, а не да трошиме денови во превирања кои ништо добро не носат за оние кои нè избрале да бидеме таму.Доста е од обиди да се поткопа довербата на граѓаните во законодавниот дом бидејќи парламентот е институцијата која директно ги претставува граѓаните, вели пратеничката на ЛДП.

За тоа дали може воопшто да се оправда, од било која страна, однесувањето на Џафери како прв човек на Законодавниот дом, со оглед на тоа што се слуша на видеото како се однесува кон своите вработени, Зајкова вели дека не оправдува и не одобрува користење на погрдни зборови воопшто.

-Верувам во старата поговорка „кој работи и греши“, меѓутоа, на крајот од денот, ако ги тргнеме титулите на страна, сите сме луѓе со различни темпераменти и различно ниво на толеранција.Затоа ми се допаѓа и како го поставивте прашањето и го нарековте Талат Џафери „прв човек на Законодавниот дом”, бидејќи доколку ја тргнеме на страна титулата претседател на Собрание, Талат Џафери е пред сè човек кој е квалификуван и успешен во својата работа. Односно не смееме да заборавиме дека тој е само човек, а секој човек може да погреши и не мора веднаш да го „линчуваме”.Сметам дека работите кои ги чувме секако не се за оправдување, но верувам не биле директно насочени кон вработените туку кон нивниот однос кон работата.Секако дека се бара одреден степен на внимание, експертиза и професионалност при вршењето на и на работните задачи и на државните функции, особено кога станува збор за избегнување на катастрофална грешка којашто може да предизвика сериозни последици врз законодавниот процес, смета таа.

На прашањето за тоа колку со своето одбивање да понеде одговорност, Џафери ја покажува силата на ДУИ во владејачката коалиција, откако и премиерот Ковачевски одби да го коментира неговото однесување со зборовите „не сум чул, не сум видел“, пратеничката не гледа потреба од мешањето на партиската припадност во оваа приказна.

-Претседателот на Собранието својата изјава ја дал во улога на Претседател на Собранието на Република Северна Македонија и навистина не ја гледам потребата од мешањето на партиската припадност во целата оваа приказна.Повеќе од јасно е дека ваквите коментари се само празни флоскули насочени кон создавање на тензии меѓу граѓаните и креирање на фиктивни проблеми, наместо да се фокусираме на надминување на предизвиците со кои се соочуваме.Разбирам дека работа на опозицијата е да ја користи секоја можна ситуација да го отежни законодавниот процес, да прикаже дека нема простор работа се со цел да предизвика предвремени избори со желба да се врати на власт. Но, мора да имаат предвид дека во ваква состојба поважно е да се стават интересите на граѓаните и државата пред партиските.Како што спомнав се наоѓаме во ситуација на повеќе кризи на глобално ниво. Ваквата состојба од нас изискува единство со цел одбрана на државниот интерес и донесување на ефективни решенија кои ќе бидат во интерес на сите граѓани, без разлика на нивната политичка припадност.Парламентот постои за граѓаните, а не обратно!, подвлекува Зајкова.

Таа смета дека изјавата на Ковачевски не треба да се коментира, ниту од нејзина страна, ниту од страна на кој било пратеник во Собранието, појаснувајќи дека сме земја со загарантирана слобода на мисла и говор.

-Премиерот има право на свој став, а ние како пратеници нашите можеме да ги искажеме на собраниската говорница. Оттука, за сите дополнителни прашања односно толкувања на неговата изјава сметам дека е коректно да му се обратите нему, имајќи предвид дека тој е автор, т.е. давател на истата, смета пратеничката од редовите на ЛДП.

Зајкова децидно вели дека нема поврзаноста ниту причинско-последичната врска помеѓу изјава и/или коментар на претседател на Собрание со стабилноста на извршната власт.

-Како правник, јасно ми е дека двете работи не се воопшто поврзани една со друга. Поднесена е интерпелација за Претседателот на Собранието, а не прашање за недоверба во Владата. Затоа, нема простор истото да го коментирам, појаснува таа.

Б.М.

Слични содржини