Законот за дивоградби се враќа во Собрание

од Andreja Salpe

Пендаровски вчера го извести претседателот на Собранието Талат Џафери, дека одлучил да не го потпише Указот за прогласување на Законот за дивоградби, со образложение дека текстот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Шефот на државата смета дека текстот на Законот нема општествена оправданост, односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што, потенцира, е основна задача на секоја институција на јавната власт. Што значи, Законот се враќа во собтаниска процедура.

-Донесениот Закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“. Ваквата можност е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, а дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита е, исто така, законска обврска на државата. Можноста, во наведениот член, за легализација на бесправно изградени објекти во подрачје на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети) е повреда на законската обврска на државата да ги заштитува културните добра и културното наследство, пишува претседателот во дел од образложението на одлуката.

Апелира до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот.

Слични содржини