Законот за Јавно обвинителство помина на Влада, влегува во собраниска процедура

од Aleksandar Todeski

Неколку минути по полноќ, Владата даде зелено светло Законот за Јавно обвинителство да биде испратен до собраниските служби, а со тоа и да влезе во процедура за гласање, откако вчера владејачката СДСМ обезбеди 80 гласа „за“ предлог текстот.

Како што дознава „Локално“ од владини извори, министерката за правда, Рената Дескоска заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи ги вметнувала и амандманите на ДУИ кои беа вградени во претходното законско решение, но не и во последниот предлог-текст на министерката Дескокса и експертите кои беа ангажирани од страна на Министерството за правда.

Законското решение е трето кое влегува во собраниска процедура, откако година и пол работни груби на власта и опозицијата преговараа за новиот Закон за Јавно обвинителство, кој би бил консензуално изгласан.

Со Законот и официјално нема да постои Специјалното јавно обвинителство, но надлежностите за гонење на висок криминал од страна на политичари ќе влезе во надлежностите на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

На барање на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, „бомбите“ повеќе нема да бидат доказ во судските постапки, туку само индиции за сторени кривични дела и истите нема да бидат основа за обвиненијата „Талир 1“ и „Талир 2“, а кои се однесуваат за незаконското финансирање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. „Бомбите“ пак, кои претходно беа презентирани во јавноста, ќе бидат уништени.

На владината седница присутни биле и министрите за внатрешни работи и труд и социјална политика, Наќе Чулев и Рашела Мизрахи, кои биле единствените кои гласале „против“ и барале истото да биде заведено во записникот од седницата.

Александар Тодески

Слични содржини