Законот за Јавно обвинителство уште не е доставен до Собранието, неизвесно е дали ќе се донесе до распуштањето

од Aleksandar Todeski

Нема најава дека Законот за Јавно обвинителство ќе влезе во собраниска процедура денеска или во наредните денови. Собраниски извори за „Локално“ брифираат дека предложеното решение од Министерството за правда не е пристигнато во Палраментот, а останува неизвесно дали тоа ќе се случи пред распуштањето во среда, имајќи предвид дека за понеделник не е предвидена пленарна седница, а за во вторник е закажна седница на која пред пратениците на последниот ден од нивниот мандат ќе се обрати претседателот на Националното Собрание на Словенија, Дејан Жидан, а истиот ден три часа подоцна, ќе се ратификува Протоколот за влез во НАТО.

Фото: Локално

Изворите на „Локално“ велат дека дво-третинското мнозинство виси поради мал број на пратеници, бидејќи немаат конкретен одговор од дел од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, додека пак од опозициската ВМРО-ДПМНЕ биле конкретни дека немаат намера да го гласаат Законот, бидејќи клучното нивно барање, кое се однесува на предметите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство, не биле исполнети.

На слична линија е и дел од независната осумка, од каде оние пратеници кои не одлучиле дали ќе гласаат бараат незаконски снимените разговори да бидат индиции, а не докази во судските постапки. Од друга страна, сите останати пратенички групи потврдиле дека ќе се изјаснат позитивно на гласањето за Законот за Јавно обвинителство, кој е клучен за европската иднина на Македонија.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери пак, вели дека има време до среда до полноќ за да се изгласа Законот за Јавно обвинителство.

„И до 23:00 часот на 12-ти да биде дојден предлог усогласен има процедурална можност тој предлог да биде претворен во закон. Неспорно, но на крај на мандат пред распуштање на Собрание само да се отвори седница, а неусогласен предлог, и да се претвори во театар е тоа немам намера. Нема потреба од некаква тензична ситуација пред одење на избори“, изјави Џафери.

Власта пак, се уште гледа оптимистички дека може да се убедат и неколкуте пратеници да дадат зелено светло за Законот за Јавно обвинителство. Според информациите на „Локално“, тие се уште преговараат со пратениците, со надеж дека до 12 февруари, односно во следните пет дена, ќе добијат дво-третинско мнозинство за законското решение.

А.Т.

Слични содржини