Законот за ЈО – нова битка за 80 гласа

од desk4

Сите партии се залагаат за нов закон за ЈО, но имаат различни барања и интереси. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е врзан и со судбината на предметот „Талир“.

    

Предлог законот за Јавното Обвинителство се очекува да добие зелено светло на денешната владина седница, по што би влегол во собраниска процедура, но засега е неизвесно дали ќе биде обезбедена двотретинска поддршка за него. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ досега не се согласуваа со владините предлози за иднината на СЈО која се решава во рамките на овој закон. Работните групи на власта и опозицијата не заседаваа, а ВМРО-ДПМНЕ во јуни најави дека подготвува свој законски предлог што ќе го презентира во јули. До денес тоа не се случи. Портпаролот на партијата, Димче Арсовски, најавува дека тој предлог е завршна фаза, а во однос на владиниот предлог вели дека сѐ уште не ја завршиле анализата.

„Да завршиме со анализата на предлог законот од страна на власта и веднаш потоа ќе известиме дали ќе го поднесеме законот, и дали ќе бараме интервенции во законот. Бидејќи, не се работи за обична измена на обичен закон, туку се работи за закон кој што треба да ја донесе правдата во Република Македонија. Ова е закон предложен од Зоран Заев, а знаеме дека Зоран Заев моментално е најкриминалното суштество кое што се обидува да се спаси. Така што треба да се прочита со внимание за да се видат сите скриени намери коишто веќе добро ни се познати на сите, односно да се заштити самиот. Во текот на наредните денови ќе излеземе со конечен став во однос на законот“, одговори Арсовски на новинарски прашања.

 

Талир“ – една од клучните пречки

Но, и пред да заврши анализата, партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за порталот „Република“ веќе даде генерална оценка за предлог-законот.

„Предлогот на власта не е предлог за воспоставување на обвинителство кое ќе биде независно и кое ќе гони вистински криминал, туку намерата е воспоставување на обвинителство кое ќе биде по теркот на Заев и во функција на криминалниот октопод (…) Тој практично го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да не се даде нов живот на тоа СЈО, туку да се формира ново обвинителство во рамките на постојното ЈО кое ќе се занимава со гонење на висока корупција и криминал. Но проблемот настанува кога Заев сака на сила да протурка решение кои би било ново СЈО, затоа што тоа исто обвинителство би го воделе компромитирани кадри, па дури истите од ова постојното СЈО, со задача да му помогне на Заев да остане на власт, исто како што му помогна да дојде. И што би се случило хипотетички – би се продолжил случајот ‘Талир’ кој е случај против ВМРО-ДПМНЕ и кој е исклучиво политички конструиран, а позади тоа би се амнестирале вистинските криминали на власта“, изјави Мицкоски, додавајќи дека „Заев сака една Катица Јанева да ја замени со друга Катица Јанева, овојпат со име Вилма Русковска”.

 Mazedonische Staatsanwältin Vilma Ruskovska (P. Stojanovski )Вилма Русковска не е по вкус на ВМРО-ДПМНЕ

Од СДСМ реплицираа на ваквите обвинувања, со став дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се на спротивната страна од правдата.

„Штитење на криминалци и сокривање на криминалот е одлика единствено на ВМРО-ДПМНЕ. Единствениот криминален октопод е сместен во Будимпешта и е раководен од Никола Груевски, а ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се само неговите пипци кои очајно се обидуваат да го одбранат неговиот криминал. СДСМ покажа дека борбата против криминалот не познава партиска припадност и таа треба да биде бескомпромисна и неселективна. Доказ за тоа е и новиот Закон за Јавно обвинителство кој наскоро влегува во собраниска процедура. Закон за кој ВМРО-ДПМНЕ очајно бара алиби да не го прифати. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ избегаа од лидерската средба и застанаа на спротивната страна од правдата и одговорноста“, реагираше СДСМ.

Сите партии со свои барања

По ваквите раменети пораки, повеќе од јасно е дека патот до новото законско решение нема да биде лесен. Од ДУИ велат дека предлог законот е добра основа за да се најде компромисно решение, но за Рускоска се воздржани. Осумте пратеници од независната пратеничка група засега не се се изјаснуваат, а „Беса” и „Алијанса за Албанците” имаат дополнителни барања. „Беса“ бара прво датум за предвремени избори, па дури потоа разговори за предложеното законско решение. Од Алијанса најавија дека ќе поднесат амандмани во најмалку три члена од законот, а бараат главниот обвинител да биде личност делегирана од ЕУ, прислушуваните материјали да се користат како докази и во новото обвинителство што ќе го наследи СЈО, а во Советот на јавни обвинители да не смее да има партиски членови,

Во целата ситуација своја улога има и факторот време. Кога предлог-законот ќе пристигне во Собранието, претседателот има рок од три дена да им го препрати на пратениците, а најдоцна десет дена за да закаже седница. Во меѓувреме предлог законот треба да биде разгледан и во матичната собраниска комисија. Со оглед дека останува една недела до 1-ви август, кога пратениците заминуваат на одмор, неизвесно е дали дотогаш ќе бидат испеглани партиските разлики за предложеното решение.

DW.COM

Слични содржини