Законот за легализација на дивоградбите ќе ја чека новата Влада?

од Vladimir Zorba

ВМРО-ДПМНЕ го блокираше Законот за легализација на дивоградбите со поднесувањето на околу 1.000 амандмани, со што околу 100.000 граѓани не ќе можат да си ги легализираат нелегалните објекти. Со вакви обвинувања излегоа вчера од владејачката СДСМ и посочија дека се мали шансите Законот да биде донесен пред избори.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески вчера на прес-конференција истакна дека пратениците на опозицијата намерно го блокираат донесувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

– Законот за легализација кој го предлага Министерство за транспорт и врски има јасна цел: да стави крај на узурпацијата на просторот и да им овозможи на граѓаните да добијат законска сопственост над своите домови. ВМРО ДПМНЕ, во неможост да понуди квалитетни законски решенија си игра со трпението на граѓаните. Пратениците на оваа партија поднесоа околу 1 000 амандмани, со што намерно го закочија донесувањето на Законот, оставајќи мала веројатност тој биде изгласан пред распуштањето на Парламентот, изјави министерот за транспорт и врски.

Новиот закон за легализација на бесправно изградените објекти е продолжение на криминалното работење на СДСМ и општ грабеж на народот, пак соопштија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на пресот на Сугарески.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека според членот 20, физичките лица, односно граѓаните, ќе треба да платат неверојатни 150 проценти од вредноста на комуналиите за објектот.

„Да повториме дека граѓаните според новиот предлог-закон ќе плаќаат 150 проценти од вредноста на комуналиите, а приватните компании што ја користат од државата изградената, а потоа дадена под концесија дадена кабелска канализација, не само што добиваат право да ја купат туку за неа нема да треба да платат ниту денар комуналии. СДСМ повторно ја става раката во џебот на граѓаните во обид за да ги задоволи расипничките потреби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Претседателката пак на собраниската комисија за транспорт од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, вели дека тие немаат ништо против легализацијата, туку против начинот на кој се носи – по скратена постапка и без јавна расправа. Спорен е и датумот до кој се продолжува легализацијата на дивоградбите – 1 октомври 2019 година.

– Кои пораки ги испраќаме: градете без одобрение за градба, удоволете му на моќниците на локалните самоуправи, ние сме тука ккао министерсво ќе ви ги задоволиме вашите апетити во секое време и ќе ви ги продолжуваме роковите за легализација онолку колку што вас ви е потребно. Не може така со законите и не може на таков начин да си играме со граѓаните. Ова е нефер, предизборна кампања и строго наменски за одредени нивни локални моќници, рече Затуроска.

Според Предлогот, за легализација на дивоградби изградени заклучно со 1 октомври 2019 година, според Предлог-законот што го утврди Владата ќе се плаќаат 100 проценти комуналии за објектот, како и казна во износ од 50 проценти од комуналиите, додека за бесправните електронски комуникациски мрежи надоместот ќе изнесува 10 евра по квадратен метар од изградена површина.

Ќе се легализираат дивоградби од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, а кои претставуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври годинава.

Со законот ќе бидат опфатени бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа. За оние кои поднеле барање според стариот закон ќе важат одредбите според кои за легализација се плаќа по евро за квадратен метар.

Нема да можат да се легализираат згради, надградбите на зградите и терасите, но и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион.

Со актуелниот Закон за легализација на дивоградби кој е во сила, беа поднесени над 430 илјади барања за легализација, а во рокот што се продолжуваше во два наврата имаа право да аплицираат сопствениците на дивоградби изградени до 3 март 2011 година. Податоците на Катастарот покажуваат дека досега се спроведени решенија за легализација на 245.544 објекти.

Слични содржини